Екипи на Јавното претпријатие на „Чистота и зеленило“ денеска засадија садници на новиот паркинг во кругот на кумановската Општа болница.
Како што информираше директорот на претпријатието, Сашо Томиќ, засадени се садници од видот јасен, кои за неколку години ќе формираат голем и убав дрворед.
– Засадени се кон улицата „11ти Ноември“ се со цел да го разубавиме овој простор. Се надеваме дека ќе успееме да ги сочуваме овие садници од несакани работи како кршење, ќе се обидеме да ги заштитиме и се надеваме дека за која година овде ќе никне убав дрворед кој ќе го штити овој простор и овие возила на овој нов паркинг, изјави Томиќ.

Директорот на Општа болница Куманово, Сашо Стошевски истакна дека целта е да се разелени дел од болницата на паркингот кој е уреден од општествено одговорни компании и јавни претпријатија.
– Планираме и во иднина соработка, особено со Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ и директорот Сашо Томиќ во хортикултурното уредување на дворот. Досега секогаш позитивно одговориле на нашето барање, се надеваме и во иднина, рече директорот.

Како што додаде Стошевски се подготвува документација за преасфалтирање на дворот и отворање на излез кон улицата „11 Ноември“.
– Се зависи колкави ќе бидат финансиските средства на располагање на Општа болница Куманово. Планот е да го намалиме метежот на улицата „Сава Ковачевиќ“, да го растеретиме стариот и новиот Ургентен центар, да направиме влез и излез на улицата „11 Ноември“, таа улица е реално поширока, и се надеваме дека ќе го решиме проблемот со тесното грло на таа улица, изјави Стошевски.

Во овој момент болницата, како што рече тој го чека оперативниот буџет, по што ќе распише огласи за вработување.
– Состјбата со среден технички персонал е алармантна, така да мораме да дејствуваме што може побрзо за да работиме нови луѓе, медицински сестри, болничари и хигиеничари, додаде Стошевски.
Никола Ивановски

