Мариус Борг Хојби, најстариот син на норвешката принцеза, денес е на судење по обвинение кое содржи 38 точки, вклучувајќи силување, злоупотреба и насилство врз поранешни партнерки, транспорт на 3,5 килограми марихуана, закани со смрт и сообраќајни прекршоци.
Тој ги негира сите обвинувања за сексуална злоупотреба и повеќето обвинувања за насилство.
Хојби, кој нема кралска титула или службени должности, беше повторно уапсен синоќа под сомнение за напад, закани со нож и кршење на забрана за приближување.
Тој е син на норвешката принцеза Мета-Марит од претходна врска и посинок на норвешкиот престолонаследник Хакон, кој минатата недела изјави дека тој и неговата сопруга планираат да присуствуваат на судењето и дека кралското семејство нема да коментира за постапката додека е во тек.
Членовите на кралското семејство се популарни во Норвешка, но проблемите на Борг Хојби со законот фрлија сенка врз нивниот имиџ, како и обвинувањата за бројните контакти на неговата мајка Мета-Марит со американскиот моќник Џефри Епштајн, одговорен за подведување, силување и други форми на сексуално насилство врз стотици девојки и жени.
Објавувањето на најновиот сет документи од досието на Епштајн минатата недела ја стави Мета-Марит во центарот на вниманието на норвешката јавност, бидејќи таа се споменува неколку стотици пати во нив.
Новите документи покажуваат дека таа ја користела вилата на Епштајн во Флорида неколку дена на почетокот на 2013 година, што кралското семејство го потврди, велејќи дека ја изнајмила преку заеднички пријател.
Уште во 2019 година, кога Епштајн повторно беше уапсен, Мета-Марит рече дека жали што била во контакт со него, а сега наведува дека „мора да преземе одговорност што не го истражила неговото минато подетално и што порано не сфатила каква личност бил тој“.
Таа, исто така, ја изрази својата солидарност со жртвите на Епштајн, кој изврши самоубиство во затвор во август 2019 година.
Кој е Мариус Борг Хојби?
Мариус Борг Хојби е роден на 13 јануари 1997 година во Осло за време на кратката врска на Мете-Марит со Морено Борг, кој отслужувал затворска казна за напад и поседување кокаин.
Таа се омажи за престолонаследникот Хакон во 2001 година.
Хојби беше уапсен во август 2024 година под обвинение за напад врз неговата девојка.
Неколку дена подоцна, тој се извини за инцидентот и истакна дека бил под дејство на кокаин и алкохол и дека ќе побара лекување, пишува Британика.
Во следните месеци, Хојби се соочи со обвинувања за силување во кои биле вклучени разни жени, а во јуни 2025 година беше формално обвинет за повеќекратни обвиненија за силување и сексуален напад.
Неколку дена пред да започне неговото судење во февруари 2026 година, тој беше уапсен и обвинет за неколку кривични дела, вклучително и напад.
Хојби завршил средно училиште во 2016 година за да започне да студира бизнис во Соединетите Држави следната година, но по неколку месеци се откажал без да ја заврши својата диплома, според Википедија.
Кон крајот на 2017 година, Хојби накратко се вратил во Норвешка за да работи како практикант кај дизајнерот Филип Плејн.
Потоа работел како уредник за стил во британското модно списание Темпус до неговото затворање во декември 2018 година.
Од декември 2024 година, Хојби започнал програма за рехабилитација од дрога, а од 2025 година нема дипломатски пасош.

