Лидерите на членките на НАТО ќе се соберат денес во Хаг на годишниот самит на алијансата, каде што се очекува да се постигне договор за значително зголемување на инвестициите од страна на сојузниците во одбраната, за зголемување на производството во наменската индустрија и за потврдување на долгорочната поддршка за Украина.
На дводневниот самит ќе учествуваат околу 6.000 делегати и лидери на 32 членки на НАТО, меѓу кои и американскиот претседател Доналд Трамп, францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц и британскиот премиер Кир Стармер.
Фокусот на самитот требаше да биде историската обврска на членките да ги зголемат трошоците за одбрана на пет проценти од бруто домашниот производ (БДП), на што Трамп инсистира, но вниманието сега делумно е пренасочено кон одлуката на американскиот претседател минатата недела да изврши напад врз три постројки за збогатување на нуклеарно оружје во Иран, во средината на иранско-израелската војна, која започна на 13 јуни.
Ситуацијата на Блискиот Исток сигурно ќе биде една од клучните теми, иако официјално не е на дневен ред на самитот, прв откако Марк Руте беше назначен за генерален секретар на алијансата и откако Трамп се врати во Белата куќа.
На првиот самит на НАТО во Холандија, се очекува сојузниците да се согласат за нов план за одбрана, кој ќе ги обврзе членовите да ги зголемат трошоците за одбрана на пет проценти од БДП, што вклучува области поврзани со одбраната и безбедноста, како што се инфраструктурата, индустријата и отпорноста.
САД трошат многу повеќе пари за одбрана од која било друга членка на НАТО.
Европските членки на НАТО учествуваат со само 30 проценти од вкупните средства на алијансата за одбрана.
Некои европски земји, како што се Полска, Естонија и Литванија, веќе ги зголемија трошоците за одбрана на пет проценти од БДП, додека Шпанија заостанува, со помалку од два проценти.
На самитот, се очекува и лидерите да донесат одлуки што ќе придонесат за зголемено производство во наменската индустрија – за да може да произведува повеќе и побрзо, и да ги забрза иновациите и усвојувањето на нови технологии.
Претставник на НАТО вчера им изјави на новинарите во Хаг дека се очекува самитот да ја потврди поддршката на алијансата за „дипломатските напори предводени од САД, во насока на праведен и траен мир во Украина, како и да ја потврди долгорочната поддршка за Украина, за да се осигури дека има што ѝ е потребно за да се одбрани и да одврати каква било идна агресија“.
Самитот во Хаг ќе се одржи „во вистински историски момент, со значајни и растечки предизвици за безбедноста“ на НАТО, изјави вчера генералниот секретар на алијансата, Марк Руте, во Хаг.
„Како што светот станува сè поопасно место, сојузничките лидери ќе донесат смели одлуки за зајакнување на нашата колективна одбрана, што ќе го направи НАТО посилен, пофер и посмртоносен сојуз“, рече Руте.
Руте, исто така, рече дека Русија останува „најголемата и најдиректна закана“ со која се соочува алијансата.
„Москва ја продолжува војната против Украина со поддршка на Северна Кореја, Иран, Кина и Белорусија. Мораме да продолжиме да ѝ обезбедуваме на Украина она што ѝ е потребно за да се одбрани и да ги одбие нападите во иднина. Нашата поддршка за Украина е непоколеблива и нема да се откажеме“, рече Руте.
Претходно, на новинарите во Хаг им беше кажано од НАТО дека извештаите предупредуваат дека за неколку години Русија би можела да биде во позиција да им се заканува на западните воени сојузници.
Руте, исто така, рече дека безбедносната ситуација во светот „драматично се променила“ во последните неколку години и дека членовите на алијансата затоа мора да достигнат значително повисоко ниво на распределба за одбрана од сегашното, за да можат сите да ја бранат територијата во случај на напад.
Договорот за зголемување на трошоците за одбрана на пет проценти од БДП би бил значајна победа за Трамп на светската сцена.
Друга отстапка за Трамп е неодржувањето на официјалниот состанок НАТО-Украина во Хаг, за кој САД не беа заинтересирани бидејќи не сакаа фокусот да биде на руско-украинската војна, која американскиот претседател не успеа да ја заврши, спротивно на неговото предизборно ветување.
Иако Западниот Балкан не е посебна тема на самитот, функционер на НАТО вчера им изјави на новинарите во Хаг дека тоа е „регион од стратешко значење“ за алијансата што „останува високо на агендата“ на западниот воен сојуз.
Тој исто така рече дека НАТО сè уште „ја повикува Србија да обезбеди одговорните за насилството во 2023 година“ во Косово да бидат изведени пред лицето на правдата – учесниците во нападот врз членовите на мисијата КФОР пред зградата на општина Звечан и членовите на вооружена група Срби што се судрија со косовската полиција во селото Бањска.
За да ги обезбеди учесниците на самитот, Холандија ја започна операцијата „Портокалов штит“, најголемата безбедносна операција во историјата на земјата, според Ројтерс.
Во операцијата, која според Би-Би-Си чини 183,4 милиони евра, Холандија ангажираше јуришни хеликоптери, поморски патроли, повеќе од 10.000 припадници на армијата и полицијата, тимови за деактивирање бомби и противвоздушна одбрана.
Централниот ден на самитот е среда, 25 јуни, кога ќе се одржи состанок на Северноатлантскиот совет (NAC), главното тело за донесување политички одлуки на НАТО, со учество на 32 лидери.
На тој ден ќе се одржи состанок меѓу Руте, Трамп и индо-пацифичките партнери на алијансата (Австралија, Јапонија, Нов Зеланд и Јужна Кореја).
Првиот ден од самитот, 24 јуни, ќе биде отворен со јавен форум на НАТО, на кој ќе зборува Руте.
Потоа ќе следи пленарната сесија на Форумот на самитот на НАТО за наменски индустрии, на кој ќе учествуваат министри за одбрана, владини претставници и претставници на наменски индустрии од членките на алијансата и земјите-партнери од индо-пацифичкиот регион.
Руте и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, исто така ќе учествуваат на Форумот.
На првиот ден од самитот ќе се одржи состанок меѓу Рута, Европската Унија и Украина, по што ќе следи работна вечера на Советот НАТО-Украина на ниво на министри за надворешни работи, како и работна вечера на Северноатлантскиот совет (NAC) на ниво на министри за одбрана.
Во тој момент, холандскиот крал Вилем-Александар и кралицата Максима ќе бидат домаќини на вечера за лидерите на членките на НАТО, на која е поканет и претседателот на Украина, Володимир Зеленски.