Започнаа преговорите на Русија и САД околу Украина

Сподели со своите пријатели

САД и Русија во понеделникот во клима на песимизам започнаа тешки разговори за кои Вашингтон се надева дека ќе резултира со деескалација на ситуацијата на украинско-руската граница без да се исполнат барањата на Москва.

Рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков во текот на викендот изјави дека е сосема можно преговорите да завршат по една средба, а очекувањата беа намалени од американскиот државен секретар Антони Блинкен.

„Мислам дека нема да видиме напредок следната недела“, изјави Блинкен за Си-Ен-Ен во неделата.

Разговорите започнаа во понеделникот во дипломатската мисија на САД во Женева.

Односите меѓу Москва и Вашингтон се на најниско ниво од крајот на Студената војна пред три децении. Преговорите потоа се префрлаат во Брисел и Виена.

Заменичката на Блинкен Венди Шерман напиша на Твитер дека „САД ќе ја слушаат загриженоста на Русија и ќе ја споделат својата“.

Нема да има разговори за европската безбедност без присуство на други сојузници, додаде таа.

Русија донесе 100.000 војници на границата со Украина. Киев и Вашингтон велат дека се подготвуваат за инвазија, осум години откако го анектираше полуостровот Крим, пренесува Ројтерс.

Русија ги отфрла овие тврдења и истакнува дека одговара на агресивното и провокативно однесување на НАТО и Украина.

Минатиот месец Москва ги претстави своите барања до Западот, кои вклучуваат вето за натамошното проширување на НАТО на исток и прекин на нејзините активности во земјите од Централна и Источна Европа кои му се приклучија по 1997 година.

Соединетите Американски Држави и НАТО веднаш отфрлија голем дел од предлозите на Русија, предизвикувајќи загриженост за можноста за каков било договор.

„Нема да правиме отстапки под притисок“, најави Рјабков, лидер на руската делегација во швајцарскиот град.

Американскиот претседател Џо Бајден постојано го предупредува својот руски колега Владимир Путин дека САД и европските сојузници ќе воведат санкции без преседан доколку Русија одлучи да ја нападне Украина.