Започна вториот циклус од огласот за самовработување на АВРМ (видео)

Сподели со своите пријатели

Започна вториот циклус од огласот за самовработување на Агенцијата за вработување на Република Македонија, преку кој граѓаните ќе можат да аплицираат за неповратни финансиски средства со цел да отпочнат свој сопствен бизнис.

Тоа беше повод да направиме кратко интервју со раководителот на Центарот за вработување од Куманово, Милорад Тренечевски.

КМ: Деновиве е отпочнат вториот циклус од огласот за самовработување. Што се е опфатено во истиот?

Деновиве имаме зголемена работна активност, што е резултат на новообјавените огласи од мерките на оперативниот план на Владата на Република Македонија. Ќе споменам објавен е и огласот за самовработување, втор циклус. Огласот трае до 31.07.2016 и се надовржува на првиот оглас, значи важат оние исти услови што се за и секоја година. Лицето кое е апликант мора да биде активен барател на пазарот на трудот, значи редовно пријавување, статус 200.

КМ: Какви типови на бизниси ќе бидат опфатени во програмата и кои се условите за одобрување на финансиски средства?

Условите за добивање на грантот се лицето да има одржлива бизнис идеја, лесно изводлив бизнис план, реален бизнис план. Доаѓаат лицата на петодневна обука тука во Центарот, со нив работат стручни екипи. Бизнис планот оди на оценување во Скопје и тогаш се прави евалуација. Како и минатата 2015-та година и оваа година не се опфатени бизнисите од земјоделска дејност, потоа производство и дистрибуција на оружје, финансиски и осигурителни бизниси, бизниси од областа на транспорт – такси превоз и активности повржани со недвижности. Сите други активности, занаетчиски, преработувачки, трговски се опфатени.

КМ: Кои се бенефитите на еден ваков проект на Владата за младите и невработени лица?

Бенефитите на лицата се тоа што добиваат неповратни средства, значи средствата ги добиваат во опрема. За отпочнување за секој бизнис потребни се средства и Владата ги субвенционира невработените лица со 185 илјади денари неповратни средства со можнсот за вработување со едно лице во бизнисот, уште 92 илјади денари. Опфат на младите лица е накде триесетина посто. Ќе нагласам дека во Општина Куманово постои интерес за оваа мерка, значи доста е атрактивна. Од првиот циклус, сега од мај месец почнуваме со обуките, имаме некаде околу 102 апликанти кои ќе земат учество во обуките и сите што ќе имаат одржлива бизнис идеја и изводлив бизнис план директно ќе го добијат грантот. Во вториот оглас исто така очекуваме поголемо учество на невработените лица, зголемена е заинтересираноста, од понеделник започнуваат апликациите така да ќе има добри резултати од оваа мерка.

КМ: За какви бизниси кумановци најмногу аплицираа во измиантиот период?

Со оглед дека знаеме дека Куманово е чевларски град, град на дрвната индустрија, град на металната индустрија, луѓето се пронаоѓаат во овие три сфери највеќе. Ќе напоменам чевларстрвото зема уште поголем замав во Општина Куманово, се отвараат чевларски работилници, ќе нагласам дека и од самовработување имаме чевларски фабрики што почнале од едно вработување, а сега имаат по 40-50 вработени лица. Тука се малите работилници за изработка на предмети од метал, од дрвната индустрија, тука уште се и забните ординации, адвокатските канцеларии, сметководствените бироа.

КМ: На сајтот на Агенцијата за вработување вчера стоеше дека има 7.932 слободни работни места. Колку од нив се во Општина Куманово?

За жал во Општина Куманово многу малку, 79. Со оглед на бројот на невработените лица, бројката е многу мала. Тоа е резултат што Куманово нема страна инвестиција, ние работиме со микро и малите претпријатија, највеќе со учество на мерките од проектот „Македонија вработува“ кој даде солидни резултати, трае до 14-ти, значи уште неколку дена затоа апелирам до работодавачите кои имаат интерес за вработување да повелат. Во Општина Куманово има 19. 672 невработени лица, од кои 10.654 се активни баратели, а 9.018 се пасивни баратели на пазарот на трудот.

КМ: Какви работни позиции се најдостапни и кои образовни профили најмногу се бараат на пазарот на трудот?

Најбарани се профилите со средно образование. Тоа се заварувачи, молери, сега летниот период угостителски работници, готвачи, помошници, шанкери.

КМ: За крај што ќе им порачате на оние кои што сакаат да започнат свој бизнис?

Поготово апел до младите луѓе, сепак тие се покреативни и понапредни, да изберат насока каде можат да се најдат себе си. Со учество во активната мерка самовработување ќе имаат бенефит од државата, значи државата инвестира дел од средства за успешен бизнис.