Започна вонредната седница на Генералното собрание на ОН за руската инвазија на Украина

Сподели со своите пријатели

Во Њујорк денеска почна итна, вонредна седница на Генералното собрание на ОН, со цел сите членки на светската организација да имаат можност да го кажат своето мислење за руската инвазија на Украина.

Седницата започна со едноминутно молчење во спомен на жртвите од руската инвазија која започна на 24 февруари. Се предвидува седницата да продолжи утре, а на крајот на седницата се планира гласање за резолуцијата со која се бара прекин на руската офанзива.

Повеќе од 100 говорници се пријавени за сесијата на Генералното собрание на ОН.

Дипломатите сметаат дека се очекува голем број африкански и јужноамерикански земји да се изјаснат против руската инвазија на Украина.

Советот за безбедност на ОН во неделата вечерта усвои резолуција со која се повикува на седница на Генералното собрание.

За резолуцијата, која беше предложена од САД и Албанија, гласаа 11 земји. Русија гласаше против, Обединетите Арапски Емирати, Кина и Индија беа воздржани.

Вето не беше можно според сегашните регулативи на ОН кога станува збор за овој тип на резолуција.

Согласно процедурата воспоставена во 1950 година наречена „Обединување за мир“, на усвоената резолуција не може да се стави вето од постојаните членки на Советот за безбедност, вклучително и Русија.