Семејството Младеновски е првото кое денеска доби садница од локалната самоуправа во чест на новиот член на нивното нивната ќеркичка Ања, а во рамките на проектот кој од оваа година започнува да се реализира на подрачјето на Општина Куманово кој предвидува садница за секое новороденче, која родителите имаат за обврска да ја засадат во својот двор или на било која јавна површина.
Loading...
Садницата лично ја донесе градоначалникот Максим Димитриевски кој на семејството му посака со засадувањето и негувањето на оваа садница, да се допринесе околината да биде почисто и поздраво место на живеење.
– Денеска и официјално почнавме со новата програма „Засади живот за живот во Куманово“ и тука сме кај нашата веќе сограѓанка, мала Ања да и ја врачиме првата садница на неа, нејзините родители. Се надеваме дека ќе ја засадат и негуваат садницата исто така како што ќе ја негуваат и поддржуваат Ања низ животот. Општина Куманово на овој начин смета дека на годишно ниво ќе успее да го озелени градот со повеќе од 1.300 садници. Општината досега немаше проблем да засади нови садници, тоа го работиме во континуитет, но има голема негрижа и неодговорно однесување од страна на поедини граѓани кои најголем дел од садниците ги уништуваат и оштетуваат, а во летниот период дополнително соочени со проблеми со водоснабдување доаѓа до потешкотии за одржување на самите садници, изјави градоначалникот Димитриевски.
Според првиот човек на градот на овој начин секое семејство ќе го даде својот придонес во озеленувањето на Куманово, а на тој начин ќе се даде допринос и за прочистување на животната средина.
Родителите на малата Ања срдечно го примија подарокот од градоначалникот Димитриевски и ветија дека ќе се грижат одговорно за садницата.
– Многу ни е мило што ние сме првите што ќе ја примиме садницата, мислам дека проектот е многу добар и дека треба да биде испочитуван од страна на сите идни родители, бидејќи воздухот го дишеме и ние и малите бебиња. И другите граѓани можат да доброволно да посадат садници, изјави Олга Младеновска, мајката на малата Ања.
Loading...
Според градоначалникот Димитриевски, кон крајот на минатата и почетокот на оваа година, согласно програмата на ЈП „Чистота и зеленило“ булеварите и прометните локации низ централното градско подрачје, засадени се над 500 садници кои ќе треба да се погрижат за прочистувањето на воздухот кој го дишат кумановци.