Започна процесот на масовна вакцинација против Ковид-19 во Куманово кој ќе се одвива во спортската сала на СОУ „Перо Наков“ во населбата Бедиње, каде настава посетуваат ученици од албанските паралелки.
Денеска се вакцинираа граѓаните над 80 години кои претходно се најавиле за вакцинација, а на располагање ја имаат вакцината на „Синофарм“ од Кина.
Кога ќе пристигнете на влезот во кругот на поранешната касарна каде е лоцирано училиштето и спортската сала, ќе ве пречекаат по двајца припадници на МВР и АРМ кои ќе ве насочат кон пунктот на Црвениот крст лоциран пред самата сала. Таму е регистрацијата и пополнувањето форумали, потоа се влегува во салата каде следува следниот дел од документацијата, по што се движите кон еден од 15те вакцинални паравани.
По завршување на вакцинацијата со држење дистанца вакцинираното лице се задржува петнаесетина минути за да се провери неговата здравствена состојба.
Процесот на имунизација го спроведува медицинскиот персонал од Здравствен дом Куманово. Директорот Фарук Алили вели дека десетина дена наназад е подготвуван овој процес.
– Сега за сега се дава кинеската вакцина. Има голем број заинтересирани, особено постарата генерација. Денеска имаме пуштено термини од „Мој термин“. Има дојдено поголемиот број од закажаните термини, има и такви кои не се дојдени, сигурно имаат причина. Од 10 часот почнавме вакцинацијата се одвива нормално без никаков проблем, изјави Алили.
Д-р Снежана Јовановска, началник на Одделението за вакцинација при Здравствен дом Куманово, вели дека засега со оглед дека има многу термини процесот се одвива во ред.
Вчера во Куманово се пристигнати 3.200 вакцини, а како ќе се трошат така и ќе бидат доставувани, бидејќи се чуваат на температура од два до осум степени.
– Од денеска боцкаме со кинеската Синофарм вакцина, тоа е онаа класична вакцина направена од вирусот, инактивиран е со намалена вирулентност, не дава никакви поствакцинални реакции, дури нема и болка во раката и температура, се боцка во две дози на растојание од 21 ден. Со оглед што се пуштени термини во „Мој термин“ овие денови е популација над 80 години, меѓутоа како поминуваат деновите четврток и петок веќе границата е 68-69 години и се надевам дека од понеделник ќе се намалува старосната граница и младите ќе може да се вакцинираат, вели Јовановска.
По илјада лица дневно е капацитетот за вакцинирање, а на располагање се 15 пунктови, од кои моментално активни се шест со оглед на бројката и интересот за вакцинирање.
Триесет медицински сестри и 15 лекари се ангажирани во две смени, а на овој пункт освен граѓаните на Куманово, ќе се вакцинираат и од Липково, Старо Нагоричане, Кратово, Крива Паланка и Ранковце.
Никола Ивановски