Крстосницата меѓу улицата „Перо Чичо“ и булеварот „Трета МУБ“ во Куманово, поточно кај Школската амбуланта доби нови семафори.
Тоа е една од трите локации за кои градоначалникот Максим Димитриевски најави дека ќе добијат нова светлосна сигнализација, откако старата е дотраена и оштетена во повеќе сообраќајни незгоди.
– На тие локации претходно беше интервенирано од наша страна и беа поприлично променети, делот дел од светлосната сигнализација, но за жал поради вандалско однесување на поединци истите беа уништени особено централните места за контрола на самите семафори. Спроведена е постапка, изберен е изведувач којшто треба да направи комплетна реконструкција на три раскрсници во градот, изјави Димитриевски минатата недела.
Нови семафори деновиве се очекува да бидат поставени и кај крстосницата од улица „Народна револуција“ со булеварот „Трета МУБ“, како и кај градскиот пазар.
Како што истакна претходно Димитриевски, кога трепка жолто светло, не значи дека семафорот е неисправен, туку е ставен надвор од функција по одлука на сообраќајната полиција.
– Кога свети жолто светло и кога трепка тогаш не се работи за дефект, туку се работи за исклучување на таа раскрсница од страна на сообраќајната полиција којашто е единствено овластена да го прави тоа, вели Димитриевски.
Никола Ивановски

