Деновиве се поставуваат новогодишните украси на градскиот плоштад во Куманово, а новитет годинава е што ќе биде украсен и малиот плоштад „Маршал Тито“.
Како што информираше директорот на Јавното претпријатие „Куманово паркинг“ Сашо Петрушевски, кое е задолжено за украсувањето, деновиве се поставуваат украсите кои беа набавени минатата година.
– Ќе продолжи украсувањето и на малиот плоштад. Три милиони денари се оделени од Советот на Општина Куманово, јавното претпријатие распиша и ја заврши постапката и мислам дека со новите и старите украси ќе се вклопиме во новогодишен амбиент, изјави Петрушевски.
Директорот не сакаше да открие какви нови содржини се набавени, туку рече дека тоа ќе биде изненадување за сите, особено за најмалите.
Како што појасни Петрушевски, годинава украсувањето ќе биде само на двата плоштади, а за од следните години ќе се набавуваат дополнителни украси.
– Во изминатите години сведоци сте дека Куманово изнајмуваше украси и тие пари одеа во ветер, сега ние ги купуваме за да направиме наши украси, каде во интерес на граѓаните ќе останат сопственост на Општина Куманово, рече тој.
Минатата година имало минимално оштетување на поставената новогодишна опрема, сето тоа, сега е поправено, додаде директорот и порача граѓаните да не ги оштетуваат, затоа што тоа е нивен имот.
Во продолжение погледнете како тоа изгледаше минатата година:
Никола Ивановски