Започна доставата на опомени и решенија за данок на имот во Куманово

Сподели со своите пријатели

Секторот за даноци и такси при Општина Куманово започна достава на опомени за данок на имот за физички лица за 2025 година, како и решенија за присилна наплата за неплатени обврски за 2024 година.

Станува збор за документи кои се доставуваат на домашна адреса преку Агенцијата за македонски пошти, со која Општина Куманово има склучено договор.

Иако решенијата и опомените се генерирани на 7 ноември 2025 година, нивната дистрибуција започнала дури сега и се одвива со значително задоцнување.

Како што информираат од општината, поради оваа состојба, можно е дел од даночните обврзници кои во периодот од 7 ноември 2025 година до денеска ги имаат подмирено своите обврски, и покрај тоа да добијат опомена или решение. Во таков случај, документите не треба да се земаат предвид.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Високиот водостој на Кумановка однесе шишиња и фрижидери во Доброшане (ВИДЕО)

Од Општината упатуваат извинување до граѓаните кај кои ќе настане ваква ситуација и посочуваат дека за сите нејаснотии е обезбедена директна поддршка преку Секторот за даноци и такси.

Граѓаните можат лично да се обратат во Секторот за даноци и такси, сместен во поранешната зграда на „Козјак“, спроти Градскиот стадион, во канцелариите број 1, 3 и 10, каде можат да извршат увид во својата финансиска картица и да добијат дополнителни појаснувања.

На располагање се и телефонските броеви 031/414-375 и 031/422-641, како и електронските контакт-адреси објавени на веб-страницата на Општина Куманово.

Никола Ивановски