Холандската полиција во вторникот објави дека уапсила шест мажи северно од Ротердам откако истовариле најмалку 7,7 тони кокаин од камион со банани.
Камионот со дрога го забележала царината во Антверпен, која потоа ги известила своите холандски колеги.
Полицијата го следела камионот до Блајсвајк, село северно од Ротердам, и кога кокаинот бил истоварен, тие тргнале во акција.
„Кога бил изваден товарот, интервенирала Специјалната интервентна служба (ДСИ), при што биле уапсени 43-годишниот полски возач и пет лица кои го извадиле товарот“, објаснуваат тие во соопштението.
Сторителите се тројца Холанѓани на 41, 49 и 60 години и двајца Белгијци на 21 и 48 години, додава полицијата, нагласувајќи дека не може да ја исклучи можноста за други апсења.
„Растоварувале камион со најмалку 7.700 килограми кокаин“, се вели во соопштението.
Ова е втора голема заплена во последниве месеци, откако во јули во пристаништето во Ротердам беа запленети повеќе од осум тони кокаин во контејнер со банани што пристигна од Еквадор.
Холандската царина неодамна објави дека во првата половина на 2023 година запленила повеќе од 29.702 килограми дрога, што е повеќе отколку во истиот период лани (22.009 килограми).
Холандија, Белгија и Шпанија се меѓу првите три земји во Европа за испорака на кокаин, главно од Панама, Колумбија и Еквадор.