Шпанските власти заплениле јахта вредна 140 милиони долари, за која тврдат дека му припаѓа на еден од руските олигарси.
Јахтата е запленета во пристаништето во Барселона, потврди синоќа премиерот на Шпанија, Педро Санчез, без да наведе на кого точно му припаѓа јахтата. Се сомнева дека се работи за близок соработник на Владимир Путин.
Не се знае каде е новинарката која упадна во руската емисија со антивоениот плакат
– Ја запленивме јахтата на еден од главните олигарси. Станува збор за јахта за која проценуваме дека вреди 140 милиони долари… Долга е 85 метри – изјави Санчез за шпанската телевизија Ла Секта.
Јахтата се вика „Валери“, а шпанските власти се обидуваат да утврдат дали е во сопственост на лице или компанија која е на листата на санкции на ЕУ поради руската инвазија на Украина.
Ова е прво „привремено имобилизирање“ на јахтата во врска со санкциите на ЕУ против Русија, што го изврши Дирекцијата на трговската морнарица, се наведува во соопштението на агенцијата на Министерството за транспорт.
Украинските власти: Во вчерашниот напад на ТВ кулата загинаа 19 лица
Јахтата „Валери“ беше подготвена да исплови од пристаништето во Барселона, каде што беше закотвена на пристаништето поради редовно одржување.
Санчез рече дека Шпанија ќе стапи во контакт со разузнавачките и економските служби на земјите партнери со цел што поскоро да дознае кој е сопственик на овој луксузен брод.
– Тоа е комплицирано, бидејќи има сопственици кои имаат „компании посредници“ – изјави Санчез.
Од Министерството велат дека доколку се потврди сомнежот дека бродот е во сопственост на приватно или правно лице кое е на списокот на санкции на ЕУ, пловилото ќе биде запленето до понатамошно известување.
Наводно денеска е запленета уште една јахта и се проверува кој е нејзиниот сопственик. На Палма де Мајорка е запленета уште една јахта, наречена „Лејди Анастасија“.