Двајца Палестинци се убиени денеска, а третиот е ранет од израелските сили на окупираниот Западен Брег, соопштија претставници на палестинското Министерство за здравство, пренесува АП.
Израелската армија соопшти дека војниците на воениот контролен пункт јужно од Наблус отвориле оган откако врз нив било пукано од автомобил во движење.
Се додава дека војниците идентификувале две сомнителни возила и почнале да пукаат со боева муниција.
Вооружената група на бригадата на мачениците Ал Акса овој инцидент го нарече напад и потврди дека во него учествувале нивни борци, но не соопштија други детали.
Бригадата произлезе од Фатах, партијата на палестинскиот претседател Махмуд Абас, според американската новинска агенција.
Палестинскиот премиер Мохамед Иштајех изјави дека двајцата мажи биле убиени ладнокрвно, но не даде повеќе детали.
Палестинското Министерство за здравство соопшти дека се убиени мажите од бегалскиот камп Аскар, кои имале 47 и 35 години.
Иштајех рече дека работеле за Цивилната одбрана, оддел на палестинската управа кој вклучува пожарникари и други служби за итни случаи.