Совршено сочувано младо од пештерски лав, пронајдено е замрзнато во Сибир и студијата покажа дека е стара 28.000 години. Сибирскиот Симба, изумрен вид на големи мачки, наречен Спарта, е едно од двете млади што ги пронашле трагачи за заби во 2017 и 2018 година во источна Русија, пишува Си -Ен -Ен.
Првично, се мислело дека двете млади се брат и сестра, бидејќи се пронајдени на само 15 метри едни од други, но новата студија откри дека тие се разликуваат по возраст за околу 15.000 години, наведува Танјуг.
Според датирањата со радио-јаглерод, Борис, како што беше наречено второто младо лавче, има 43.448 години.
– Спарта е веројатно најдобро зачуваното животно од леденото доба што некогаш е пронајдено, и тоа е повеќе или помалку неоштетено, освен што крзното е малку збрчкано. Дури и нејзините мустаќи се зачувани. Борис е малку повеќе оштетен, но сепак е во прилично добра состојба – изјави Лав Дален, професор по еволутивна генетика во Центарот за палеогенетика во Стокхолм и автор на нова студија за овој случај.
Двете млади имале еден месец или два кога починале, се наведува во студијата. Не е јасно како починале, но Дален и истражувачкиот тим тврдат дека нема знаци дека биле убиени од предатори.
Скенирањето со компјутерска томографија покажа оштетување на черепот, дислокација на реброто и други скелетни деформитети.
– Со оглед на тоа што беа сочувани, мораа да бидат погребани многу брзо. Можеби тие починале при свлечиште или паднале во пукнатина во вечниот мраз, рече Дален, објаснувајќи дека „вечниот мраз формира големи пукнатини поради сезонското одмрзнување и замрзнување“.
За време на последното ледено доба, Сибир не беше празно место како што е денес, таму шетаа мамути, волци, мечки, волнени носорози, заедно со пештерски лавови.
Се уште не е познато како пештерскиот лав се прилагодил на животот на остри високи географски широчини, со брзи промени на годишните времиња, силен ветер и студени, темни зими.