Закроени лозовите насади во ДСУ „Киро Бурназ“ во Куманово (ФОТО+ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

На имотот на Средното стручно општинско училиште „Киро Бурназ“ во селото Којнаре денеска беа закроени лозовите дрвца, со што традиционално се одбележа празникот Свети Трифун во присуство на наставниците, учениците, како и пратеници од Собранието, претставници на локалната самоуправа и свештени лица од Кумановско-осоговската епархија.

 

 

Одбележувањето на празникот е традиција откако во училиштето е засаден првиот лозов насад, кој претставува добра можност учениците да добијат повеќе практични знаења во рамките на земјоделско – ветеринарната струка.

 

 

Директорката на училиштето, Весна Трајковска, вели дека насот е за изведување на практична настава на учениците.

– Насадот е од сортата шардоне која за нашето поднебје и не е толку успешна. Се надеваме и сме во обид наредната година да подигнеме нов лозов насад кој ќе биде лоциран на друго место во близина на училиштето и со друга сорта што е десертна, бидејќи шардоне е винско грозје, така да немаше некој голем род на овие наши простори, појаснува Трајковска.

 

 

Интересот на учениците за земјоделско – ветеринарната струка, како што појаснува директорката, е на задоволнително ниво и бројката не се намалува.

– Од минатата година сме државно училиште, односно Центар за стручно образование и обука, започнаа некои активности за изградба и се надеваме дека кога ќе заврши целата реконструкција, можеби интересот на учениците ќе биде поголем за да се запишат не само во оваа струка, туку и во другите струки што ги имаме, изјави директорката Трајковска.

 

 

Инаку, многумина веруваат дека токму на овој ден започнува пролетта, се будат природата и љубовта меѓу луѓето, а според народните верувања ако на денешен ден паѓа дожд, сливата ќе има добар род, снегот може сѐ уште да изненади, но тоа се сметало за симбол на бериќет.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Текст: Никола Ивановски / фото: Стефан Младеновски