Надлежните од Општина Куманово и ЈП „Куманово-План” денеска ги повикаа граѓаните и сите заинтересирани субјекти да се пријават на распишаниот јавен оглас за доброволно пријавување на учесници во партиципативното тело, кои ќе можат да даваат сугестии, забелешки, предлози при процесот на донесување на урбанистички решенија. Огласот трае до 10 декември, годинава.
Заинтересираните физички лица можат да се пријават во писмена форма преку писарницата на Општината како претставници на: невладини организации од различни сегменти на урбаниот живот, здруженија на граѓани и граѓански активисти, како и граѓани што се стручни лица од областа на урбанистичкото планирање и други стручни области суштествени за планирањето и одржливиот развој на градот.
Јавниот оглас се распишува во согласност со Законот за урбанистичко планирање за обезбедување на инклузивност, партиципативност и јавност во процесот на урбанистичкото планирање и нивното учество е на доброволна основа-наведуваат од општината.
Врз основа на Законот, во телото членуваат претставници од комисијата за урбанизам од општината, стручните лица вработени во правното лице што го изработува урбанистичкиот план, претставници од урбаните и месните заедници, претставници на невладини организации од различни сегменти на урбаниот живот, здруженија на граѓани и граѓански активисти, стручни лица од областа на урбанистичкото планирање и други стручни области суштествени за планирањето и одржливиот развој на градот и нивното учество е на доброволна основа
Избраните лица ќе дават сугестии и при донесување на Генералниот урбанистички план.
– Што се однесува до изработката на Генералниот Урбанистички План кој ќе има важност десет години, од денот на донесување, вкупната вредност на изработка на генерален урбанистички план е 26, 5 милиони денари од кои Министерството за транспорт и врски ќе учествува со три милиони денари. Остатокот од вредноста од 23, 5 милиони денари како и сообраќајната и студијата за животна средина ќе биде финансиранa од општина Куманово, преку своите буџети од 2020 и 2021 година-изјави, директорот на ЈП „Куманово-План”, Горан Митевски.
Александра Максимовска