Македонија сака да учествува во сите регионални проекти и може да биде транспортен центар на Балканот зашто преку неа поминуваат два важни коридора, 8 и 10, истакна македонскиот премиер Зоран Заев на меѓународната конференција „Посилна регионална интеграција на Балканот“, што се одржува во Софија.
Заев посочи дека преку Македонија со Коридорот 8 се поврзуваат Црното и Јадранското Море, односно Бугарија и Албанија, а со Коридорот 10 Грција и Централна Европа. Заев очекува соработката во регионот и неговото приближување кон ЕУ да биде уште повеќе забрзано за време на претстојното претседавање на Бугарија со Унијата.
Бугарскиот премиер Бојко Борисов, кој ја отвори конференцијата, повика на поголемо единство на земјите од регионот што, според него, ќе ја забрза неговата евроинтеграција.
– Имаме ретка шанса да ги убедиме колегите во Брисел дека ние носиме и мудрост, а не само проблеми. Историјата си е историја и има кој да ја коментира. ЕУ ќе не разбере само ако ние покажеме единство. Европа си има доволно проблеми со Брегзит и не и се потребни нови. Ние треба да настапиме пред Брисел со добри инфраструктурни проекти, со коридорите 8 и 10 и со проекти за дигитална инфраструктура, изјави Борисов.
Главниот извршен директор на Светска банка Кристалина Георгиева најави дека Банката е подготвена да издвои 200 милиони долари за проекти за развој на трговијата и транспортот на Балканот. Истакна дека има огромен потенцијал во интеграцијата на земјите од регионот што може да почне да се покажува уште со претстојното бугарско претседавање со ЕУ.
Светска банка, како што наведе, ќе се фокусира посериозно на транспортниот и на ИТ- секторот во регионот.
Албанскиот премиер Еди Рама рече дека до само пред три години европските надежи на Тирана изгледале невозможни. Тој го нагласи напредокот во соработката меѓу земјите во регионот што доведува до помирување и насочување на земјите кон иднината, а не кон минатото. Албанија, истакна Рама, е охрабрена од тоа што Србија и Црна Гора веќе водат преговори за членство во ЕУ, а очекува во тој процес наскоро да влезат и Скопје и Тирана. Најавените проекти предвидени со Берлинскиот процес, албанскиот премиер очекува да станат реалност, а не да останат само празни ветувања.
Српската премиерка Ана Брбнабиќ истакна дека Белград е насочен кон соработка со земјите во регионот. Нагласи дека Србија ќе биде активен и силен партнер во сите инфраструктурни проекти во Западен Балкан. Како приоритет за Србија го посочи завршувањето на Коридорот 10. Брнабиќ истакна и дека Белград очекува многу брзо Македонија и Албанија да ги почнат преговорите за членство во ЕУ бидејќи тоа го заслужуваат.
На конференцијата во Софија се разговара за гранични олеснувања во регионот, за интензивирање на трговијата, како и за регионални ИТ и технолошки кластери, а учествуваат и претседателите на Црна Гора и на Косово, Филип Вујановиќ и Хашим Тачи, вицпремиерот и министер за трговија на БиХ Мирко Шаровиќ, како еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан.
Извор: МИА
Loading...