По точно 27 години од воспоставување на граничниот премин Табановце – Прешево, премиерите на Република Северна Македонија и Република Србија, Зоран Заев и Ана Брнабиќ денеска го пуштија во употреба интегрираниот граничен премин меѓу двете земји.

Прва во меѓуграничната зона пристигна српскате премиерка, а по половина час и нејзиниот македонски колега, во придружба на потпретседатели и министри на Владата.
Под силно обезбедување на македонските и српските служби и под будно око на педесетина новинарски екипи, двајцата премиери го означија стартот на преминот, а во своите обраќања истакнаа дека тоа ќе овозможи побрз премин на камиони и ќе ја потикне регионалната трговија.

Според премиерот Заев времето на минување на границата двојно ќе се намали.
– На деловните луѓе за половина ќе им се скрати времето за царинските постапки, контролите ќе се вршат на едно место, од страна на царински служби. Предвидено е меѓусебно признавање на сертификатите на граничните агенции, фитосанитарни и ветеринарни. „One Stop Shop“ ќе ја намали можноста за царински измами поради непосредниот увид во комерцијалните документи кои ја следат стоката, ќе го зголеми нивото на доверба, соработка и размена на информации, рече Заев.

Ваквиот граничен премин кај превозниците ќе донесе заштеда од осум милиони евра годишно, рече Заев, а ќе порасне и надворешната трговска размена и бројот на туристи.
Српската премиерка Брнабиќ, своето обраќање го искористи да упати критики кон Косово и нивните царински давачки за увоз на стока од Србија.
– Оваа одлука не е одлука само против трговија со Централна Србија и Босна и Херцеговина, ова е одлука која во основа ги здрма сите регионални договори и како последица на тоа регионалната соработка оди кон надолна патека. Поради тоа е потребна храброст и политичка одговорност и да одиме чекор подалеку од политички популизам и да одиме кон она што е интерес на граѓаните и стопанството, рече Брнабиќ.

Важноста на економските односи меѓу Македонија и Србија, според Брнабиќ се покажува во фактот дека во 2018 година, трговската размена надминала милијарда евра, што е поттик овој интегриран граничен премин дополнително да ја унапреди соработката.
Пред медиумите се обратија и претседателите на стопанските комори од двете земји, а во меѓувреме час и половина никој не можеше да излезе од државата, што од македонска страна создаде километарска колона возила и нервоза кај патниците.

Откако со дваесетина возила двете делегации заминаа кон Скопје, возилата беа пропуштени и сообраќајот нормализиран.
Брнабиќ во Владата ќе има средба со Заев, а потоа се очекува да се сретне и со претседателот Стево Пендаровски.