Претседателот на Владата на Северна Македонија Зоран Заев како експликација на делот на Буџетот за 2021 година, кој се однесува на поголема разновидност и на дополнителни извори на приходи во државната каса ги наведе иницијативите за јавно приватно партнерство за хидроцентралата Чебрен, инвестициите во ветерници за производство на струја со јачина од по 30 мегавати во Богданци, во Гевгелија и Свети Николе како и во реализација на соларните електрани во Осломеј со вкупен капацитет од 100 мегавати.
Премиерот Заев истакна дека една од извесните инвестиции во форматот јавно-приватно партнерство е предвидена и за ТЕЦ Неготино за нејзина трансформација во електро-централа на хидроген.
Во делот на енергетиката премиерот Заев го најави и инвестицискиот проект на Владата на Северна Македонија за влегување со акционерски удели во гасната станица за производство на електрична енергија и во терминалот на течен природен гас во Александропулос – Грција, за што е донесена одлука за формирање тимови за преговори.
Премиерот Заев нагласи дека во насока на дополнување на изворите за Буџетот се очекуваат инвестиции во ски-центарот Попова Шапка, со дополнителна одлука за дали тоа ќе оди на продажба или со концесија, како и на туристичките објекти во Струга во сопственост на Електрани на Северна Македонија.
Како дополнителни можности премиерот Заев ги наведе потенцијалите од приватизација на дел од акционерските друштва во доминантна или делумна државна сопственост и истакна дека во функција на развојот е предвидено до крајот на 2021 година да отпочне и да заврши постапката за продажба на Македонска пошта, исто како и на Македонски железници и Евро-композит, фабриката за шински возила „Колска“, Тутунски комбинат Прилеп, како и некои други компании во кои државата е сопственик или мнозински сопственик.
Сузи Котева-Стоименова