За време на немирите во Нукус, главниот град на узбекистанската област Каракалпакстан, повредени се 107 полицајци, од кои 23 се во тешка состојба, соопшти денеска Министерството за надворешни работи на Узбекистан.
Според агенцијата РИА Новости, на 1 јули во Нукус се одржале нелегални демонстрации поради измените на Уставот на Узбекистан.
Според локалните власти, приведена е група организатори на немири, кои наводно се обиделе да ја преземат власта во регионот.
Подоцна, узбекистанскиот претседател Шавкат Мирзијоев воведе вонредна состојба во Каракалпакстан од 3 јули до 2 август, како и полициски час од 21:00 до 7:00 часот за тој период.
„Во нападот повредени се 107 припадници на редот, а 23 се во тешка состојба“, се вели во соопштението на веб-страницата на МНР.
За време на немирите биле повредени 270 владини функционери.
Претходно Министерството за внатрешни работи на Узбекистан соопшти дека во Каракалпакстан е воспоставен јавен ред, загинале 18 лица, 243 се повредени, а 516 се приведени за време на немирите.