Граѓаните на Куманово во изминатите неполни три месеци пријавиле 20 оштетувања на нивните автомобили до Секторот за внатрешни работи.
Преку социјалните мрежи постојано се жалат дека автомобилите паркирани на отворено им се мета на вандалско оштетување од непознати сторители.
„Од пријавените оштетувања, две се однесуваат на изгребани возила, по седум се однесуваат на скршени стакла и други оштетувања на патнички возила, додека четири се за дупнати гуми“ – велат од кумановската полиција.
Возачите се жалат дека намерно одредени несовесни граѓани им ги уништуваат ветробранските стакла, страничните стакла, со остри предмети им ги гребат автомобилите што дополнително им создава товар во семејните буџети за одржување на автомобилите.
СВР Куманово презема мерки и активности за расчистување на пријавените оштетувања.
Лани, на подрачјето на Куманово според податоците на полицијата пријавени биле 137 оштетувања на патнички моторни возила. Од пријавените оштетувања 17 се однесувале на изгребани патнички возила, а по 35 пријави имало за скршени стакла и дупнати гуми на патнички возила, шест се однесувале на возила испрскани со спреј и течност и 44 се други оштетувања на патнички возила.