Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации во вторник соопшти дека регистрирала најмалку 875 убиства во последните шест недели на хуманитарните места во Газа управувани од Хуманитарната фондација Газа (GHF), поддржана од САД и Израел, и во конвои од други хуманитарни организации, вклучувајќи ги и Обединетите нации.
Повеќето од убиените биле во близина на локациите на GHF, додека 201 лице биле убиени на рутите на другите хуманитарни конвои.
GHF користи приватни американски компании за обезбедување и логистика за испорака на помош во Газа, во голема мера заобиколувајќи го системот предводен од ОН, за кој Израел тврди дека им дозволил на борците предводени од Хамас да ограбуваат хуманитарна помош наменета за цивили. Хамас ги отфрла обвинувањата.
GHF, кој започна со дистрибуција на пакети со храна кон крајот на мај откако Израел ја укина 11-неделната блокада на хуманитарната помош, претходно изјави за Ројтерс дека не се случиле такви инциденти на неговите места и ги обвини ОН за ширење дезинформации, што ОН го негира.
GHF не коментираше веднаш за најновите податоци објавени од ОН.
– Нашите податоци се базираат на наше сопствено собирање информации од различни сигурни извори, вклучувајќи медицински и хуманитарни организации и организации за човекови права – изјави Тамин Ал-Китан, портпарол на Канцеларијата на високиот комесар на ОН за човекови права, за новинарите во Женева.