Дел од кумановските улици наскоро ќе добијат нова атмосферска, фекална канализација, ќе се направи и реконструкција на водоводна мрежа и една нова улица.
Општина Куманово веќе ги потпиша договорите за изведба на овие проекти, за чија цел, како што може да се види од Бирото за јавни набавки, вкупно ќе потроши над 200.000 евра.
Фекална канализација ќе биде изградена на дел од улицата „Трајко Прокопиев“, односно од улицата „Ѓорче Петров“ до „Веселин Маслеша“.
Атмосферска канализација ќе се гради на дел од улица „Лесковачка“ и ул. „6“ во населбата Бабин дол, односно од крстосницата на „Лесковачка“ и „АВНОЈ“ до улица „1“.
Реконструкција на водоводна мрежа ќе биде направена на крак од улицата „Ѓорче Петров“ и дел од ул. „1“ во месноста „Гладно Поле“.
Сите овие активности ќе ги изведе компанијата „Жикол“ од Струмица која е избрана како најповолен понудувач на претходно распишаната тендерска постапка. Според пресметките од податоците на Бирото за јавни набавки, за изведба на овие проекти струмичката фирма од буџетот на Општина Куманово ќе добие вкупно 183.000 евра, односно над 11 милиони денари.
Компанијата „КООП Инжинеринг“ за скоро 25.000 евра ќе ја изгради улицата „100“ во месноста „Гладно поле“ во населбата Перо Чичо.