За поставување нов семфор, општина Куманово одвои 200 илјади денари

Сподели со своите пријатели

На неколку крстосници во Куманово последниве денови не функционираат семафорите, меѓу нив и на крстосницата на булеварот „Октомвриска револуција“ и „Ѓорче Петров“.

Градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски, информираше дека регулацијата на семафорите е во надлежност на СВР Куманово, кој носи одлука на која крстосница и во кој период ќе биде исклучена вертикалната сигнализација.

Сепак, потенцираше дека при сообраќајните несреќи се случува учесниците да ги турнат семафорите и крстосниците да останат без вертикална сигнализација извесен период, додека не биде поставен нов.

– Поради несовесно однесување на граѓаните се случува да бидат уништени вертикалните столбови, како што беше последниот случај на крстосницата на булеварот „Трета МУБ“. Таму веќе е поставен семафор, за кој платија граѓаните на општина Куманово, фирмата која има добиено на тендер испорача фактура до општината која плати 200.000 денари за новиот семафор, изјави Димитриевски.

Тој додаде дека е среќа што нема жртви во сообраќајните несреќи, но потенцираше дека уништената вертикална сигнализација, може да предзивика дополнителни проблеми во тековното одвивање на сообраќајот токму на булеварите.

Извор: МИА