Селските населби во кумановскиот крај не секогаш биле постојани. Тие се менувале. Некои ја менувале својата географска положба, некои се раселувани па пак обновувани, а некои сосема исчезнале. Причини за тоа биле пустошења на освојувачите, економската состојба, преселба на народите, болестите и т.н.
Ако го разгледаме пописниот дефтер за Нагоричка нахија (денешна кумановска област) од 1519 и 1573 год., ќе видиме голем број на села во дефтерот кои денес не постојат. Податоци за исчезнати села може да најдеме и во повелбите на средновековните владетели кои владееле на овие простори. Во оваа прилика ќе кажеме нешто повеќе за исчезнатото село Блаце, кое се наоѓало на планината Козјак, во срцето на Козјачијата.
Блаце било посебна мала селска населба во источниот дел на кумановскиот крај. Се наоѓало во депресија со изглед на увала, на падините на возвишението Високо (878 м) од исток и Враница (768 м) од запад. Се наоѓало помеѓу околните селски населби: Бајловце, Кокино, Добрача и Степанце.
Вода за пиење населението добивало од извори. Блаце било мало македонско село. Имало десеттина домаќинства, кои припаѓале на еден род. Главно занимање на населението било сточарството и земјоделството. Едно домаќинство имало околу 300 овци и т.н. По српско – турските војни од 1876-1878 год., во Блаце и околните села бил „таксидар” или „порезџија“ некој Јашар, арбанас (албанец) од Прешевското село Норча од соседна Србија. Со лошите постапки тој им здосадил на малобројното и незаштитено население во Блаце: ги напаѓал чесните жени, изнудувал пари, барал подобра храна (сакал да се колело јагненца) и т.н. Поради тоа една ноќ населението од Блаце решиле да се ослободат од насилникот: го обесиле на местото кое денес се нарекува Јашарово бесило. После тоа сето население на Блаце, заедно со добитокот избегале на север во соседна Србија. Државната граница ја преминале некаде во близина на селото Ристовац (Врањска котлина), па се населиле во некое српско село, можеби во околината на Врање. Нивните ниви, куќи и пространите пасишта во Блаце „за крв и одмазда“ ги присвоиле албанците од споменатото прешевско село Норча, кои биле Јашарови роднини. Од нив три домаќинства се населиле во Блаце и тука останале до 1908 год. Така Блаце пред крај на турското владеење, од околу 1880 год. до 1908 год. постанало албанска населба. По името до неодамна се памтел само албанецот Асан. Меѓутоа, 1908 год., поради оживувањето на српската четничка организација во Кумановскиот крај, албанците во Блаце не се чувствувале безбедни. Бргу го продале селскиот атар, па некаде се преселиле. Нивите и пасиштата, најголем дел ги купило населението од соседното село Бајловце и мал дел од селото Кокино. Се зборувало дека Блаце имало пространа утрина, зафаќала површина од околу „две илјади дулуми“. Местата под утрина ги носат следниве имиња: Високо, Голема и Мала Чумица, Раскрсје и Враница.