За исчезнатиот средновековен град Козјак во кумановскиот крај (фото)

Сподели со своите пријатели

Во повелбата на византискиот цар Василиј II од 1019 година, се наведува дека во тогашната позната Морозвишка епархија, која се протегала претежно во источниот дел на Република Македонија, во својата граница се наоѓале седум градови со нејзините соседни области. Тоа биле: Морозвизд, Козјак, Славиште, Злетово, Луковица, Пијанец и Малешево.

Ние оваа прилика ќе се задржиме и ќе кажеме збор-два за средновековниот град Козјак, кој најверојатно денешната средновисока планина во Кумановскиот крај, Козјак, како и целиот тој регион „Козјачија“, го носи името по тој средновековен град кој се споменува во споменатата повелба, бидејќи не е исклучок некои предели во нашата држава своето име да го добиле по некогашните средновековни градови кои постоеле во тој период, пример како котлините Славиште и Полог, кој во средновековниот период постоеле градови-тврдини Славиште и Полог и т.н.  Некои автори наведуваат дека топонимот на планината Козјак потекнува од „козарство – одгледување на кози во овој регион“.  Кога ќе споменеме „град“, сигурно нема да помислиме на град како во денешно време, и со таква структура и физиономија, туку најверојатно ќе не асоцира на град-тврдина со предградие, кој не зафаќал голема површина, а кој имал геостратешко значење. Според археологот И.  Микулчиќ, средновековниот град Козјак се наоѓал во атарот на денешното село Канарево, кумановско.

vfvdvfd

Местоположбата на градот Козјак е утврдена во месноста „Г р а д“ кој лежи 1,5 км источно од Канарево, на јужниот дел на ридот Орљак (670 м), во центарот на регионот Козјак (Козјачија). Претставува карпеста чука што се издига 90 м високо над реката Градошница која што ја опфаќа од три страни. Карпата од горната страна е зарамнета, а страните и се вертикално отсечени и високи 15-30 м. Долж Градошница води стариот пат од Пчиња кон Славиште, како најсеверната траса на патот Скопје – Куманово – Велбужд (Ќустендил). На возвишението Град „сè било оградено“. Во подножјето на возвишението исто така се наоѓаат локалитети со карактеристични имиња: Г р а д а ч к и  д о л  и  Ч а р ш и ј а. Населението на селото Канарево имаат предание дека „Тука некогаш живееле римјани“.  Во минатото на локалитетот Ч а р ш и ј а „се познавала зграда од ковачи“

Од најстари остатоци е констатирано следново: Во доцната антика местото било укрепено. На Карпата била оформена акропола (со димензии 110х55 м.), а просторот околу неа бил обграден со силен малтерен ѕид, што затворал површина од 250х170 м (4 ха). На југозападниот агол се гледаат остатоци од голема обнова (4. и 6. век). Пред северното чело бил просечен одбранбен ров. Во јужното подножје на акрополата, на скалестата падина, се гледаат бројни детали всечени во карпа: скалила и премини, ниши, каналчиња, основи од правоаглони простории со довратници, банкини и др. Бројни парчиња од железна згура и ситни предмети ковани од железо зборуваат за металопреработувачката дејност на жителите. Стари рудници на железо и места за чистење и топењето на руда се евидентирани на повеќе места долж Градошница и Петрошница северно и североисточно од Градот. Големиот број од површински наоди лиени од бронза и ковани од железо како и монети од 4.-6. век зборуваат за интензивен живот на тоа место како стопанско средиште на регионот. На 5 км источно од Градот била повлечена границата меѓу провинциите Дарданија и Средоземна Дакија (од доцниот 3. до 7.век).

vsdvsdv

Средновековни остатоци: На акрополата и во јужното подножје, во просториите всечени во карпата, има остатоци и од средниот век: парчиња од словенски црепни, византиска глеѓосана грнчарија (12.-13. век). Најдени се и железни врвови за стрели, типични за оваа време; исто така и дел од бронзен крст – реликвијар со релјефна претстава (10.-11. век) и крст-приврзок од бронза (11. век); бронзен накит – парчиња од обетки со 4 јаготки како и парчиња од белегзија, потоа бронзен прстен со врежан орел (11. век) и др. Голем дел од најдените ситни предмети ковани од железо (ножови и струшки, окови, кламфи и шарки, клинци и ситни алатки) потекнуваат несомнено од средниот век.

dsvdsvsd

Loading...

Месното предание ги поврзува просториите всечени во карпите со пустиниците, кои тука престојувале можеби по запустувањето на населбата во турско време (4 км југоисточно оттука лежи познатиот Карпински манастир, духовното средиште на Јужната Козјачија).

Извор:

И. Микулчиќ  (1996) – Средновековни градови и тврдини во Македонија. МАНУ, Скопје.

А. Дероко (1950) – Средњовековни градови у Србији, Македонији и Црној Гори, Београд

Ј. Ф. Трифуноски – Насеља-тврђаве у Кумановској области. (Гласник српског географског    друштва). Година 1978.

Ј.Ф. Трифуноски (1974) – Кумановска област. стр. 127., Скопје

Пишува: Филип Ѓошевски – Дипломиран географ