Натпреварот кој вечерва требаше да се одигра во рамки на третото коло од домашниот кошаркарски шампионат меѓу екипите на МКК Куманово и КК Феникс е одложен.
Како што информираат од Кошаркарската федерација на Македонија, површината во салата (паркетот) бил исполиран и лизгав, што претставувало опасност од повреди за играчите.
– Дополнително, беше констатирано дека претходно, во истата сала, се одиграл натпревар во ракомет, при што е користена специјална смола (лепило) за топката, која оставила остатоци на паркетот и довела до намалена стабилност и небезбедни услови за игра, затоа и било направено чистењето и полирањето на паркетот, велат од КФСМ.
Поради тоа, делегатот на средбата, како и тренерите донесоа одлука натпреварот да биде одложен за 24 часа, односно ќе се одигра утре со почеток во 20 часот.
Забраната за присуство на публика останува.
Никола Ивановски