WikiOutdoor- собир на википедијанци од Централна и Источна Европа во Преспа

Сподели со своите пријатели

Википедијанци од Централна и Источна Европа се собраа во Преспа од 7 до 8 септември 2024 година, а заеднички повод беше собирот на кој можеа да се обучат за проектот „Викиекспидиции“. Овој проект е во организација на Викимедија МКД, здружение на граѓани, кое преку вакви разновидни проекти промовира и создава слободни енциклопедиски содржини на македонски јазик. За овој  настан беа избрани 23 википедијанци од 12 земји од Источна и Централна Европа кои поминаа три дена во учење и фотографирање на убавините на Преспа.

Loading...

Проектот Викиексипидиции има за цел да помогне во подобрување на постоечките и создавање на нови статии за градовите, селата, географските области и особености во областите низ целата територија на Македонија на македонски јазик од страна на активните корисници и уредувачи, како и самите членови на здружението. Проектот е доста успешен, поради што постоеше голем интерес од википедијанци од други земји како да го спроведат во своите држави.

Учесниците беа избрани преку повик за аплицирање. Учесниците (учесници и обучувачи) беа поделени во седум тимови од по четири члена, и секој член имаше однапред одредена улога – возач, истражувач, фотограф и оператор на дрон. Возачите ги превезуваа тимовите за време на обуката, истражувачите беа одговорни за истражување на целната област на експедицијата, фотографите фотографираа за време на обуката, а операторите со дронови правеа воздушни снимки и снимаа видеа со помош на дрон.

Обуката започна со воведно обраќање на обучувачите и воведна тркалезна маса на која учесниците го споделија своето искуство, интересот за учество на настанот и идните планови за тоа како да ги користат новите вештини и знаења во нивните земји и заедници. Потоа имаше работилница на која беше претставена експедицијата во Преспа, а со ждрепка беа формирани истражувачки тимови. Во втората половина од првиот ден, беше организирано истражување на блиската планина Галичица.

Вториот ден беше одбележан со експедицијата во најсеверниот дел на регионот Преспа. Википедијанците посетија 6 села и исто така документацијата вклучуваше пребарување на места од интерес, како што се цркви,  манастири, споменици на културата, училишта итн.

Главниот план во блиска иднина е да се водат и да им се помогне на слушателите да ги користат вештините и знаењата стекнати за време на обуката за да иницираат експедиции и други активности на отворено во нивните земји и заедници.

Оваа обука и самите Викиекспедиции имаат за цел што побогата содржина на Википедија за Македонија, односно поголема покриеност на содржините на Википедија за Македонија. Викимедија МКД имплементира голем број проекти за создавање на слободни содржини на Википедија и нејзините сродни проекти, сè со цел македонската читателска публика да има голем број содржини на македонски јазик.

Интегрално соопштение

Loading...