Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, испрати телеграма со сочувство за смртта на поранешниот премиер на Јапонија, Шинзо Абе.
„Со тага и неверување ја примив веста за трагичната смрт на Шинзо Абе, исклучителен државник и човек, кој со својот сериозен и одговорен пристап кон политичките предизвици на своето време, остави посебно наследство на глобалната политичка сцена“, рече претседателот Вучиќ во телеграмата со сочувство.
Тој посочува дека „Шинзо Абе даде неизмерен придонес во развојот на односите меѓу Србија и Јапонија, поради што ни беше чест да му доделиме Орден на Република Србија на лента, за исклучителни заслуги во развојот и зајакнувањето на мирната соработка и пријателските односи меѓу нашите две земји“.
„Во името на граѓаните на Република Србија и во мое име, изразувам длабоко сочувство до народот и владата на Јапонија, семејството и пријателите на Шинзо Абе“, се заклучува во телеграмата со сочувство.
Поранешниот јапонски премиер Шинзо Абе почина откако беше застрелан додека држеше предизборен говор во градот Нара.