За да разбереме зошто Авганистан ( „ гробиште на империите“ ) е стратешко- важна и значајна држава (место т.е. територија) потребно е да погледнеме на географската карта, да знаеме каква е таа држава и да разбираме барем малку политика и меѓународни односи.
Најпрвин, Авганистан е држава со разнобоен состав на население и јазици. На негова територија се говорат минимум 30 јазици, а обштеството ги чува остатоците од племенските односи. Не постои авганистанска нација и авганистански јазик. Тоа пречи во создавањето на економски врски во државата и нема развиена трговија, а економијата останува примитивна. Не постои државност, односно со секое место управува различен племенски клан и спроведува свои правила.
Авганистан се наоѓа во Азија односно е „ срцето на Азија“, поточно има место во регионот „јужна Азија“. Сосед од овој регион на Авганистан му е Пакистан, но многу блиску му е и Индија. Овие две држави поседуваат нуклеарно оружје, а сепак не се дел од „договор за неширење на нуклеарно оружје“. Авганистан граничи со Иран, кој е голем и жесток противник на САД и постои сомневање дека истиот развива нуклеарна програма за создавање на сопствено нуклеарно оружје, а самиот тој влегува во регионот „среден Исток и северна Африка“ кој е многу нестабилен, а многу богат со природни ресурси особено со нафта и истиот има големо значење за светската економија.
Соседи на Авганистан се и Туркменистан, Узбекистан и Таџикистан кои се дел од „Руско-Евро-Азискиот регион“ ( на западот овие држави влегуваат во регионот кој е перцепиран како „ централна Азија“ во кој спаѓаат уште Казахстан и Киргистан) , или просто речено, трите држави се поранешен составен дел на Советскиот Сојуз (СССР), за кои Русија смета дека тие се и треба да останат во нивната зона на влијание.
И на самиот крај Авганистан граничи со сега веќе гигант од држава, а тоа е Народна Република Кина која исто така поседува нуклеарно оружје и последните години со нејзиното засилување особено на економски план, станува се поголем ривал на САД. Кина е најголемата држава во регионот „источна Азија“.
Земја која се наоѓа на граница помеѓу четири, особено важни региони за големите и супер силите и граничи со две држави кои поседуваат нуклеарно оружје и со една за кои постои сомневање дека развива нуклеарно оружје, а една земја која поседува такво оружје е во нејзина близина и останатите три соседи се соседи и на најголемата нуклеарна сила и спаѓаат во нејзината зона на влијание, е од огромно значење и за регионите и за големите и супер силите, но и за целиот свет.
Историја„Големата игра“
Пред повеќе од сто години завршила „големата игра“ или како што ја нарекуваат русите „војната во сенка“ во Авганистан и некои делови во „централна Азија“ и „јужна Азија“ помеѓу руската империја и британската империја. Имено, двете империи ги разделувал токму Авганистан, се наоѓал меѓу нив. Се работело за спротивставени гледишта за тоа кој треба да има контрола над овие региони.
Овие две големи империи никогаш директно една против друга не влегле во конфликт поради ривалството, но сепак финансирале и тренирале народи и војски од државите кои припаѓаат на овие региони, со цел истите да влезат во конфликт со спротивставената страна.
На крајот сето тоа резултирало со договор помеѓу двете империи и истите го „поделиле колачот“. Регионот долго после тоа не бил во центарот на вниманието. Авганистан најпрвин станал емират, а подоцна кралство. Авганистан забрзано се модернизирал, биле воспоставени избори, политички права, едукација на жените и обезбедување на образование за истите. Сето ова се вика „период на европско влијание во Авганистан“ .
Од каде и зошто САД во целата приказна?„Новата голема игра“
„Мечката“ решава да ја превземе контролата во свои раце, но „Вујко Сем“ помага во тоа тој обид да стане неуспешен.
Сепак по завршување на втората светска војна почнува „студената војна“ во која спротивставени страни биле САД и СССР. Двете држави сакале доминација во делови на светот кои не ги контролирале. Тие давале многу средства на Авганистан. Меѓутоа паштуните (кои инаку се мнозински народ во Авганистан) не биле задоволни од тоа што дел од нивниот народ се наоѓа во друга држава, Пакистан. Нивните барања биле игнорирани од страна на кралот. 1973 година се случил државниот удар во кој бил бутнат од власт кралот Мохамед Захир.
Авганистан добил ново државно уредување, република, во која самопрогласен премиер и претседател бил Мохамед Дауд, братучед на бившиот крал и организатор на државниот удар. Дауд иако ги продолжил прогресивните политики, бил националист и честопати го отворал прашањето за обединување на паштуните во една држава, а бидејќи другите народи во државата се спротивставувале на тоа тој ги сузбил и ограничил граѓанските слободи и права. Левичарите и традиционалистите го презирале после овој потег.
Во јануари 1978, западниот сосед на Авганистан, Иран се соочил со исламска револуција која ја предводел Хомеини која резултирала со пад на шахот, Реза Пахлави кој бил поддржуван од западот (капиталистичкиот т.е. демократскиот свет). САД го загубиле своето влијание, а СССР се плашел од нови исламски револуции, да не се случат во Авганистан и да има домино ефект врз советските држави со муслиманско население, па затоа во април 1978 ја поддржале Саур ( априлска) револуцијата против Дауд, организирана од страна на народната демократска партија на Авганистан, која всушност била комунистичка.
Дауд бил погубен. Радикално биле туркани прогресивните политики, повеќе права за жените, поголема еднаквост, повеќе социјализам, секуларизам, атеизам, што значело сериозен удар и закана за традиционалните и религиозни вредности кои ги практикувало голем дел од населението. Биле спроведени аграрни реформи и воведени нови даноци. Сето ова било шок за авганистанците и истите биле многу разочарани, но и бесни. Веќе наредната година луѓето излегле на протести кои прераснале во традиционалистички вооружен бунт и граѓанска војна, раководството на државата и партијата влегло во конфликт, па така Тараки, секретарот на партијата побарал воена помош од СССР да ги задуши протестите и бунтот, но и да го симне од власт премиерот и претседателот на Авганистан, Амин. За тоа Амин дознал и издал наредба протестите да бидат задушени, а Тараки да биде убиен со цел да си обезбеди сигурно и долго владеење.
Како и да е СССР и Брежњев одлучиле сепак да ја преземат ситуацијата во свои раце бидејќи стравувале дека Амин нема да се задржи уште долго на власт, вооружените бунтовници ќе победат, а тоа ќе ја турне земјата во исламска револуција како онаа во Иран од кое советите не можеле мирно да спијат.
На крајот на декември 1979 година почнува воздушната и копнената интервенција од СССР врз Авганистан. Западот и многу муслимански земји воената интервенција ја оквалификувале како инвазија. Амин бил соборен од власт и убиен, а вооружените религиски групи и нивниот бунт биле оквалификувани од западот, атеистите и православците како џихад ( „света војна“ ) и муџахедини ( „ војници на Алах“ ). Оваа квалификација ги обединила вооружените групи и самите ја прифатиле истата. Конечно сите нашле нешто што ги обединува, а тоа била религијата. Конечно еве ги САД во целата игра. Тие виделе можност да наштетат на воената интервенција организирана од СССР и можност за враќање на своето влијание во регионот кое го изгубиле во Иран после исламската револуција, виделе можност во муџахедините.
Сад преку Пакистан, почнале да ги снабдуваат муџахедините со оружје и пари. Пакистан се согласил на тоа затоа што со создавање на самостоен и исламски емират од Авганистан тие ќе имале можност за пан-исламска соработка. Губитници во ова биле само советите. Многу независни борци и финансери заминале за Авганистан да се борат во т.н. „џихад“ против СССР. Еден од таквите бил и Осама бин Ладен. Советите ако убиле еден војник, муџахедините регрутирале пет нови борци.
Колку битки и да добивале, сепак СССР ја губеле војната. Зошто? Затоа што муџахедините воделе герилска војна, а Авганистан е планинска и карпеста земја, тешка за движење, особено за странците. Во доцните 80-ти години на минатиот век САД и Пакистан почнале да ги снабдуваат муџахедините со тешко вооружување меѓу кое било и FIM-92 Stinger со што биле срушени многу хеликоптери на црвената армија. Во 1989 СССР под водството на Горбачов донеле одлука за повлекување од Авганистан оставајќи ги властите кои тие ги поддржувале да се борат против муџахедините. Државата била предводена од Мохамед Наџибулах, кој бил на власт се до 1992 година, односно владеел нешто повеќе од три години откако советите се повлекле од таму.
Нова власт- нова држава
Откако Наџибулах бил принуден да се повлече од власта, муџахедините биле тие кои го преземале раководењето со новата држава, а тоа било „Исламска држава Авганистан“. Меѓутоа проблемот бил тој што не сите фракции помеѓу муџахедините биле застапени во таа држава и власта и одредени фракции биле крајно екстремистички кои барале уште построго толкување на исламскиот закон „шеријат“.
Најпознатите три фракции кај муџахедините од Авганистан биле токму ново формираната држава која ја предводел авганистанскиот таџикистанец, Рабани кој му бил учител на големиот војсководец, Ахмад Шах Масуд или „панширскиот лав“ прекар кој го добил за време на војната со советите, „ХИГ“ која била агресивна милитантна група предводена од Гуљбедин Хекматијар кој е припадник на паштунското племе хариоти.
Овие две фракции во 1993 се обединиле, но проблем останала третата и најмоќната фракција која од поголемиот дел држави во светот признаени во ОН ги индетификуваат како терористи и терористичка организација, а тоа е движењето „Талибан“ или од паштунскиот јазик во превод „ученици“ кое било предводено од Мухамед Омар и го сочинувале најмногу паштуни, кои, за потсетување, се најбројниот народ во Авганистан, а нивниот главен сојузник бил Осама бин Ладен и терористичката организација „Ал-Каеда“.
Војната помеѓу фракциите кај муџахедините, односно цивилната војна во Авганистан, се водела од 1992 до 1996 година, кога талибанците го заземале главниот град, Кабул. Тогаш е убиен претходникот на Рабани (бидејќи Рабани избегал и ја претставувал владата на Исламска држава Авганистан во азил), Наџибулах, заедно со неговиот брат, а нивните тела биле обесени на јаже и изложени јавно.
Талибанците го преместиле главниот град од Кабул, во Кандахар. Заедно со Рабани, најголемиот дел од власта или нивните поддржувачи, но и поддржувачите на комунистичката власт или избегале или биле убиени од страна на талибанците. Веќе споменатиот „панширски лав“, Масуд останал да се бори и води борби со талибанците и бил главен предводник на „северна алијанса“ или со друго име „обединет фронт“, поддржувачи на Рабани и неговата власт и умерените муџахедини.
Талибанците во целото нивно владеење остро ги прекршувале човековите права и слободи, а најмногу малтретирани и обесправени биле жените, на кои им било забрането да се движат, им било наредено да го покриваат целото тело, биле тепани, силувани и камшикувани. Колку радикални биле во период на нивното владеење покажува законот со кој тие ја забраниле музиката во Авганистан т.е. било кривично дело доколку некој човек слушал музика.
11 септември 2001 и 20 годишната војна во Авганистан
Исламскиот емират Авганистан од неговото формирање, станал „рај“ за терористите. „Талибан“ овозможувал секаква поддршка на Ал-Каеда, финансиска, логистичка, но она што било најспорно било дека им овозможувале засолниште во Авганистан.
„Ал-Каеда“ претставува мрежа на лица кои се залагаат за глобален, светски „џихад“ и самата таа е вооружена и претставува мултинационална армија. По наредба на лидерот на оваа организација бил организиран самоубиствен бомбашки напад во кој бил убиен лидерот на „северна алијанса“, Ахмед Шах Масуд. После два дена откако бил убиен Масуд, во Њу Јорк се случил најпознатиот терористички напад кој го организирала оваа организација исто по наредба на лидерот, Осама бин Ладен, а тоа е „нападот на кулите близначки“, познат уште како „нападот на светскиот трговски центар во Њу Јорк“ или „нападот на 11 септември 2001“.
Тогашниот претседател Буш му објавил војна на тероризмот откако талибанците го одбиле ултиматумот даден од САД во кој се бара да го испорачаат Осама бин Ладен и на 7 октомври 2001 година започнала воената копнена и воздушна интервенција на САД и сојузниците врз Авганистан.
Резултати
Сите обиди за реформи во Авганистан пропаѓаат заради верскиот фанатизам и тоа сите го знаат. Војувачите кои ќе се договорат со едно племе или род, стануваат противници на друго племе или род и така до бесконечност. До бесконечност војна, а каков ќе биде нејзиниот карактер тоа е помалку важно. Важно е дека во оваа држава немало мир многу години. Авганистан може да се освои, но да се задржи власта е невозможна мисија токму заради етничките особености. Да се војува таму е бесполезно. Таму не постои еден непријател. Денеска жителите на некое село или област ти се пријатели, а веќе утре стануваат твои непријатели.
И како за крај главното прашање: Зошто САД останаа уште цели 10 години по убиството на Осама во Авганистан? Тие на ова ќе одговорат дека е заради обезбедување на демократија во оваа земја, заради градење на силни демократски и функционални институции кои ќе и помогнат на државата и граѓаните, заради заштита на човековите права и слободи, заради обезбедување на мир и стабилност во регионот и во светот, а со тоа заштита и на самите себе си и заради тренирање и обучување на авганистанската војска која ќе се бори за нивната земја и заради борбата против тероризмот. Целата војна чини повеќе од 70000 авганистански животи, повеќе од 3500 животи на коалицијата од кои 2420 се американци, повредени се повеќе од 22000 луѓе, а парично војната во Авганистан, САД ги чини околу 2 трилијони долари од кои најмногу биле потрошени на обучување и опремување на авганистанската војска.
Реалната слика е дека властите поддржани од САД и институциите на земјата биле корумпирани и нефункционални, талибанците за време на војната станале посилни од било кога и обединети, тие контролирале голем дел од територијата на земјата, власта и американските војници и војниците на сојузниците никогаш не успеале да ја освојат или како што тие велат, да ја ослободат целата територија на земјата. Талибанската офанзива за завземање на Авганистан започна оваа година на 1 мај, а сите големи градови паднаа за 10 дена без отпор од авганистанската војска која чинеше толку скапо, голем дел од војниците го предадоа оружјето и ги соблекоа униформите, а дел од нив им се придружија на талибанците. Талибанците ги зазвземаа и голем дел од базите, но и најсовременото оружје и скапата опрема.
Пет дена пред да биде опколен од страна на талибанците, за Кабул се предвидуваше дека ќе падне од 30 до 90 дена, меѓутоа од опкружувањето на главниот град до влегувањето на талибанците во него и падот на власта поддржувана од САД, имаше само повеќе од 24 часа, за разлика од минатото кога за падот на власта поддржувана од СССР требаше повеќе од 3 години, а за првиот пад на Кабул и превземање на негова контрола од страна на „Талибан“ требаше повеќе од 4 години. Завземањето на главниот град се случи без испукан куршум, а авганистанскиот претседател, Ашраф Гани, побегна од државата во ОАЕ празнејќи ја државната каса.
Од започнување на талибанската офанзива до паѓањето на главниот град избегаа многу луѓе токму во Кабул, надевајќи се дека нивната власт и војска ќе го бранат градот и дека неговиот пад може да се случи после одредено време, во кое тие ќе можат да избегаат доколку е потребно од државата, но од исходот сите беа затекнати.
Никој не вели дека странските војски требаше да се задржат таму уште долго, меѓутоа операцијата беше пребрзо и непромислено спроведена, најблаго речено беше себична. Лошата стратегија и сето горе наведено допринесува за губење на и онака веќе рекордно нискиот меѓународен углед на САД. САД ја губат довербата особено меѓу нивните сојузници и сите тие во иднина со сигурност ќе мора да ја преиспитаат секоја одлука која ќе значи поддршка за САД, поставувајќи си го прашањето: ако тие ги оставија сите тие луѓе туку-така таму зарем нема да се случи истото и со нас?Каде е грешката?
Администрацијата на Бајден и самиот тој ја префрлаат топката кај Трамп и кај авганистанците кои не се спремни да се борат за својата држава, но сепак ова е менување на тези, затоа што новата администрација имаше можност таа одлука да биде сменета или пак да биде целата операција на повлекување подобро испланирана. Ова е втора голема загуба за „светлиот град на ридот“ сметајќи ја и таа во Виетнам.
Сите го споредуваа вториот пад на Кабул со падот на Сајгон од 1975 или како што денес се вика најголемиот град во Виетнам, Хо Чи Мин, меѓутоа реалноста е дека ова не е Сајгон, ова е многу полошо бидејќи реномето на соединетите држави за разлика од тогаш, денес е на рекордно ниско ниво и продолжува да паѓа. Сите потрошени животи, пари и ресурси, всушност биле за ништо, денес се наоѓаме не на исто, туку на многу полошо стојалиште во Авганистан за разлика од 1996 година.
Сеуште е рано за предвидување, но доаѓањето на движењето „Талибан“ на власт со сигурност ќе значи нулирање на демократијата. Истото може да значи и време на прекршување на човековите права и слободи во таа земја, особено прекршување на правата на жените (можеме слободно да речеме дека прашањето за Авганистан претставува прашање за жените), може да значи и дестабилизација на регионот (иако сепак е рано да се зборува дека оваа држава ќе изврши агресија на некоја другаво регионот, бидејќи првенствено на талибанците сега во фокус им е зачувувањето и одржување на власта, како и да е претставува закана за мирот), а се разбира ќе има последици и врз САД и светот, бидејќи со сигурност ќе се случи пораст на тероризмот затоа што тој сега има каде да се засолни и да се развива. За да се стабилизира, на Авганистан му е потребно вложување во државноста, социјални програми, образование и економија, а не во армија и вооружување како што тоа го направија САД и сојузниците таму за овие 20 години.
Верувам дека сето тоа не било за ништо, сепак најмногу профит од оваа војна извлекоа големите коорпорации, а особено воено-индустрискиот комплекс. Уште еднаш се докажа дека големите сили го гледаат само сопствениот интерес без разлика на тоа што говорат во име на некаква идеологија. Со ова, за либералниот свет, кризата се продлабочува. Уште еднаш се докажа дека важи правилото на реал-политиката. Грешките што ги направил СССР, ги направи и САД, можеби и полоши.
Главната грешка е, за да се обезбедат интересите и на едните и на другите, продавање на, за авганистанците „туѓа“ идеологија, а тоа се и комунизмот и демократијата. Кога луѓето немаат што да јадат и немаат перспектива (меѓу кои е и војската), а правдата исто како да исчезнала заради корумпираноста на властите, нив не ги интересира ништо, туку само прашањето како ќе преживеат, а талибанците иако не се јаки борци со привлечна идеологија, сепак спроведуваат правда на нивнен начин и овозможуваат парче леб за луѓето кои се со нив и затоа многу влегуваат во нивните редови.
Да разбрале на време СССР и САД, дека на овие луѓе тоа им е најпотребно и да им го овозможиле тоа, не армијата, туку и обичното население ќе се бореше до смрт за својата земја и „Талибан“ немаше да освои никогаш ништо, а можеби немаше ниту да постои или ќе постоеше и ќе беше смешно движење. Но особеностите на Авганистан, влијаат и врз талибанците, колку и да се моќни и обединети сепак и кај нив постојат фракции (се сочувува поделбата на кланови) и многу веројатно е дека тие и меѓусебно ќе војуваат, а тоа ќе им ги поремети плановите за единство на нивниот старо-нов Емират, но ако ја обединат државата и воспостават централизирана власт, соседите имаат од што да се плашат.
Во Азија 40 години постои процесот наречен „исламизација“, но овој термин не значи распространување на исламот, зголемување на интересот за него, туку распространување на политичкиот ислам кој поединци го толкуваат погрешно и искривено, радикализација, фанатистички поглед кон општеството и правење на религијата главен елемент, со кој друг преку тоа ги остварува сопствените интереси.
САД не го подобрија животот на обичниот авганистанец, само го влошија со бесконечната војна, една територија денес е под едни, утре под други и тоа исто така претставува огромна грешка. На крајот сето ова наликува на еден експеримент кој го прават моќните големи држави со малите беспомошни држави кој се претвара во хуманитарна катастрофа и трагедија.
Пишува: Николај Павловски