Во Занаетчискиот дом во Куманово утре со почеток во 19 часот, во рамките на „Ноемвриски денови” и во чест на 11 Ноември, Ден на ослободување на Куманово, како и јубилејот 500 години постоење на Куманово, во Куманово се одржуваат по вторпат „Поткозјачки литературни средби” 2019.
На манифестацијата настапуваат поетите и писателите Ирена Белешковска, Оливера Доцевска , Емилија Колевска , Ана Љубиќ , Марина Мијаковска, Ленче Милошeвска, Давче Насевски , Кристина Николова, Мишел Павловски, Христо Петрески, Елена Пренџова, Мито Спасовски, Снежана Стојчевска, Стојан Тарапуза, Љерка Тот Наумова, а вечерта ќе ја збогатат со музика и сценски настап Дарко Трајковски на гитара и младите актери Мики Јаневски и Симона Атанасовска , кои ќе ја изведат пиесата во стихови – Естер Ихаз (на рок музичка тема – Love of my love (Queen), настанот ќе го овековечи со фотографија младиот талент Миња Стаменковска, а низ настанот ќе ги води гостите и учесниците – Наташа Крушиќ Лазаревска.
Поткозјачките литературни средби 2019 се организирани од страна на Јустиција – Куманово и Центарот за култура и културолошки студии – Скопје, под покровителство на Градоначалник и Општина Куманово, и во соработката со ЈОУ Библиотека „Тане Георгиевски” Куманово, Секторот за култура и спорт при Општина Куманово и Фондацијата за култура и спорт.
– Претставува голема чест и задоволство веќе втора година по ред да се одржат и да ги организираме Поткозјачките литературни средби, заедно со Центарот за култура и културолошки студии од Скопје, како национална литературна манифестација, со претходно долга традиција, средби кои беа неизоставен дел од книжевните моменти на градот Куманово, Македонија, но и на просторите на бивша СФРЈ и Балканот, вели Оливера Доцевска од Јустиција.
Организаторите се надеваат на посилна поддршка и за следната година со цел манифестацијата да добие меѓународна димензија.