Врнежи од снег и драстичен пад на температурите

Сподели со своите пријатели

Времето денеска ќе биде облачно со врнежи од снег, најпрво во северните и западните, а до крајот на денот и во останатите делови од земјава, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.

На југот од земјава врнежите најпрвин ќе бидат претежно од дожд, а потоа ќе преминат во снег. Пообилни врнежи се очекуваат во попладневните и ноќните часови. Насекаде ќе се формира снежна покривка, на планините и до 50 сm. Ќе дува умерен, попладне засилен северен ветер, но во јужните делови претпладне ветерот ќе биде јужен. Температурата ќе достигне од 1 до 8 степени.

Во Куманово и околината времето ќе биде облачно со врнежи од снег. Ќе дува засилен северен ветер, а максималната дневна температура ќе достигне до 1 степен. Температурата во ноќните часови ќе се спушти до – 9 степени Целзиусови, а врнежите од снег ќе бидат поинтензивни.

Облачно и студено, претпладне со повремени врнежи од снег со послаб интензитет, особено на истокот од земјава ќе биде времето во текот на утрешниот ден.  Ќе дува силен северен ветер. Можна е појава на снежни навеви. Утринска температура од -9 до -3, а дневна од -9 до -2 степени.

За време на викендот облачноста делумно ќе се намали и ќе биде многу студено. Преку денот најстудено се очекува да биде во сабота со температури од -12 до -6, а во недела утринските температури насекаде ќе бидат под -10, а на места ќе се спуштат и до -20 степени. Потоа во наредните денови ќе се задржи студеното време, но со благ пораст на температурите.