Врховниот суд на САД одобри масовни отпуштања во Министерството за образование

Сподели со своите пријатели

Врховниот суд на Соединетите Американски Држави ја укина забраната наметната од окружен судија, со која беа блокирани масовните отпуштања наредени од администрацијата на претседателот Доналд Трамп од Министерството за образование.

Loading...

Судот одлучи со шест гласа „за“ и три „против“ да го одобри барањето на администрацијата на претседателот Доналд Трамп за суспендирање на извршувањето на наредбата на понискиот суд со која се бараше враќање на речиси 1.400 отпуштени вработени од Министерството за образование.

Таа одлука дозволува процесот на реорганизација на агенцијата да продолжи додека трае правниот процес, пишува CBS News.

Тројца либерални судии не се согласија со оваа одлука, а судијката Соња Сотомајор во своето несогласување нагласи дека е должност на судството да ги спречи „нелегалните“ одлуки од страна на извршната власт.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Германија ќе игра клучна улога во испораката на американско оружје во Украина

Трамп ја поздрави пресудата како „голема победа за родителите и учениците низ целата земја“, истакнувајќи дека неговата администрација продолжува со напорите за „враќање на функциите на Министерството за образование назад во државите“, пренесува Танјуг.

Како дел од неговите планови за намалување на големината на федералната влада, Трамп потпиша извршна наредба претходно оваа година со која му наложи на Министерството за образование да затвори одредени функции и да спроведе масовни отпуштања.

Вкупно 1.378 вработени, што е околу една третина од работната сила на агенцијата, беа ставени на административен одмор, а нивниот работен однос требаше да биде прекинат до 9 јуни.

Доколку администрацијата на крајот го добие случајот, експертите предупредуваат дека штетата предизвикана од намалувањето на бројот на вработени и префрлањето на функциите во државите би можела да биде трајна.

Loading...
ПРОЧИТАЈТЕ И:  Бури предизвикаа поплави низ Њујорк, во Њу Џерси вонредна состојба (ВИДЕО)

Сепак, администрацијата на Трамп верува дека намалувањето на федералната контрола врз образовниот систем би било во најдобар интерес на родителите и учениците низ целата земја.