Биолозите открија нов вид риба во водите на Тасманија, чии предни две перки се претворија во „раце“. Необичната розова риба е од семејството Brachionichthys. Рибата никој не ја видел од 1999 година, а со предните перки „шета“ по плитки води.
На биолозите им требаа десет години да потврдат дека станува збор за нов вид. Тоа го потврдиле врз основа на бројни фактори (боја, број на пршлени, перки, мерења на телото…) Научниците веруваат дека пред 50 милиони години вакви риби „шетале“ по морето. Денеска се класифицирани како загрозени, пишува Би-Би-Си.
„Ова е возбудливо откритие и нуди надеж за континуиран опстанок на видот, бидејќи очигледно има пошироко живеалиште и дистрибуција отколку што се мислеше“, рече главниот истражувач и морски биолог Невил Берет.
„Гледав еден од нашите кадри и една мала риба скокна на гребенот, што изгледаше малку чудно“, рече Ешли Бастијансен од Универзитетскиот институт за антарктик и морски студии.
„Погледнав поблиску и ги видов нејзините мали раце“, додаде Бастијансен.