Едно лице загина рано утринава откако со автомобил удрил во столб на наплатна станица на патарината Романовце на автопатот Скопје – Куманово.
По ударот на возилото, настанал и пожар, а возачот починал на лице место.
– На 09.03.2023 околу 03.27 часот во СВР Куманово било пријавено дека на наплатна станица „Романовце“ на автопат Скопје – Куманово, патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки удрило во столб на наплатната станица, при што настанал пожар на возилото, информираат од Секторот за внатрешни работи.
На терен интервенирале и четворица пожарникари од Територијалната противпожарна единица Куманово кои помогнале во вадење на лицето од автомобилот, а со вработените на патарината го изгаснале настанатиот пожар.
Од Итната медицинска помош наведуваат дека околу 03:30 часот интервенирале на лице место, но возачот починал од здобиените тешки телесни повреди.
Пожарот бил изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Куманово и од вработени во наплатната станица.
По наредба на Јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција, а увид на местото извршила екипа од СВР Куманово.
За возраста и потеклото на жртвата од кумановската полиција велат дека ќе информираат дополнително.
Никола Ивановски