Меѓународната федерација на одгледувачи на мачки одлучи да го забрани учеството на мачки од Русија на меѓународни натпревари поради ситуацијата во Украина.
Мачките во сопственост на Руси или одгледувани во Русија нема да можат да учествуваат на изложби и натпревари на Меѓународната федерација на одгледувачи на мачки (FIFe), ниту пак ќе можат да се регистрираат во книгата за педигре на таа организација.
„Извршниот одбор на ФИФе е шокиран и ужасен што армијата на Руската Федерација ја нападна Украина и ја започна војната. Многу невини луѓе ги загубија животите, многумина беа повредени или принудени да ги напуштат своите домови“, се вели во соопштението на организацијата, објаснувајќи зошто се воведени санкции за руските мачки.
Се додава дека ФИФе ќе организира донации за да им помогне на одгледувачите на мачки во Украина, пренесува Sputnik.
ФИФе е меѓународна организација со седиште во Париз и се состои од 41 член од 39 земји во Европа, Азија и Јужна Америка.
Секоја година организира повеќе од 700 настани, на кои се изложени вкупно 200.000 мачки.