Советот за безбедност на ОН денеска ќе одржи итна седница за ситуацијата во Авганистан откако Талибанците ја презедоа власта во земјата.
Седницата беше свикана на барање на Естонија и Норвешка, а на присутните ќе им се обрати генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш. Дел од сесијата ќе биде јавна, а потоа треба да следат консултации зад затворени врати.
Генералниот секретар на ОН со длабока загриженост ја следи ситуацијата во Авганистан и ги повика Талибанците и сите други страни во конфликтот да покажат воздржаност со цел да ги заштитат животите на луѓето и да достават хуманитарна помош.
„Обединетите нации сакаат да придонесат за мирно решение, да работат на подобрување на човековите права на сите Авганистанци, особено на жените и девојчињата, и да обезбедат хуманитарна помош за сите цивили“, рече генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

