Во Катар ќе се одржи вонреден арапско-исламски самит на кој ќе се разговара за неодамнешниот израелски напад врз Доха.
И покрај силната осуда на нападот, катарскиот премиер тврди дека е подготвен да продолжи да посредува во преговорите.
„Варварското однесување на Израел нема да нè одврати од продолжување на нашите искрени напори со Египет и САД за запирање на оваа војна“, изјави Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани на состанок на високи арапски и исламски дипломати во Доха.
Преговорите за прекин на огнот и ослободување на заложниците меѓу Израел и Хамас се во застој со месеци.
Трамп му испрати порака на Нетанјаху
Во меѓувреме, Израел продолжува со нападите врз градот Газа и урива повеќекатници.
И покрај фактот дека Катар доби гаранции од американскиот претседател Трамп дека нападот нема да се повтори, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху повторува дека ниту еден член или лидер на Хамас не е безбеден никаде во светот. Доналд Трамп му испрати порака на Нетанјаху.
„Мојата порака е дека мора да бидат многу, многу внимателни. Мора да преземат нешто во врска со Хамас, но Катар е сојузник на САД. Многу луѓе не го знаат тоа. Му реков на емирот, кој мислам дека е прекрасна личност: Потребни ви се подобри односи со јавноста бидејќи всушност немате никакви. Мислам, луѓето велат лоши работи, а не треба. Катар е многу добар сојузник. Значи, Израел и сите други, кога луѓето се нападнати, мора да бидеме внимателни“, рече тој.
Во исто време, американскиот државен секретар Марко Рубио пристигна во Израел и ќе разговара со израелското раководство за последиците од минатонеделниот напад врз преговарачите на Хамас во Доха врз преговорите за ослободување на заложниците и крајот на војната.