На Волстрит, берзанските индекси пораснаа вчера бидејќи инвеститорите очекуваат намалување на инфлаторните притисоци во САД, што би можело да ја натера американската централна банка да ја заостри монетарната политика помалку агресивно.
Dow Jones зајакна 0,56 отсто, на 33.704 поени, додека S&P 500 порасна за 0,70 отсто, на 3.919 поени, а Nasdaq индексот порасна за 1,01 отсто, на 10.742 поени.
По благиот пад од претходниот ден, индексите ги вратија загубите вчера, бидејќи инвеститорите се надеваат на ублажување на инфлаторните притисоци и на помалку агресивен ФЕД во наредните месеци.
Инвеститорите се надеваат на помалку агресивен ФЕД
Фокусот беше на презентацијата на претседателот на ФЕД Џером Пауел на состанокот спонзориран од Шведската централна банка, но Пауел не се осврна на монетарната политика.
Тој само рече дека независноста на ФЕД е клучна во борбата против инфлацијата.
„Сите го следат секој збор од ФЕД, а Пауел овојпат навистина не кажа ништо за тековната монетарна политика“, рече Тим Гриски, стратег во Ingalls & Snyder.
Меѓутоа, челниците на ФЕД во последните денови велат дека каматните стапки треба дополнително да се зголемат, дури и над 5 отсто, за да се потисне инфлацијата.
И покрај ова, инвеститорите се надеваат на помалку агресивен ФЕД. На пазарот на пари се проценува дека челниците на ФЕД на состанокот во февруари ќе ги зголемат клучните каматни стапки за 0,25 процентни поени, а не за 0,50 поени, како што направија на последниот состанок минатата година.
Се очекува пад на заработката на компаниите од индексот S&P 500
Во четврток ќе биде објавен декемврискиот извештај за потрошувачките цени во САД, кој најверојатно ќе покаже дека инфлаторните притисоци сè уште се намалуваат.
„Има некои индикации дека инфлацијата значително се намалува. Инвеститорите се надеваат дека намалувањето ќе биде доволно остро за да го привлече вниманието на главата на ФЕД“, вели Гриски.
И на крајот на неделата во САД започнува сезоната за објавување на кварталните деловни резултати на компаниите, што би можело значително да влијае на насоката на пазарот во наредните недели.
Аналитичарите во анкетата на Ројтерс проценуваат дека заработката на компаниите од индексот S&P 500 паднала за 2,2 отсто во четвртиот квартал од минатата година во однос на истиот период претходната година поради високата инфлација и забавувањето на економскиот раст.
И на европските берзи вчера паднаа цените на акциите. Лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,39 отсто, на 7.694 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,12 отсто, на 14.774 поени, а париски CAC 0,55 отсто, на 6.869 поени.