Вчера на Волстрит индексот S&P 500 се лизна од рекордното ниво, како и Nasdaq, бидејќи инвеститорите се претпазливи за новите макроекономски показатели и извештајот на претседателот на ФЕД Џером Пауел до Конгресот.
Dow Jones загуби 0,25 отсто, на 38.989 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,12 отсто, на 5.130 поени, а индексот Nasdaq 0,41 отсто, на 16.207 поени.
Во текот на целиот трговски ден, индексите наизменично се менуваа помеѓу позитивна и негативна територија, за да нурнат во минус непосредно пред затворањето на пазарот.
Оптимизам за вештачката интелигенција
Од една страна, пазарот е позитивно под влијание на оптимизмот во однос на развојот на вештачката интелигенција, што го поддржува растот на цените на акциите на технолошките гиганти, како што се производителите на чипови Nvidia и Advanced Micro Devices.
Од друга страна, надежите на инвеститорите дека американската централна банка агресивно ќе ги намали каматните стапки годинава избледеа.
Економијата на САД се уште е прилично солидна, а инфлацијата не се намалува толку брзо како што се надеваа инвеститорите, па очекувањата за намалување на каматните стапки се поместени од март во јуни.
Лидерите на ФЕД велат дека нема причина да се брза со намалување на каматните стапки, па затоа во фокусот на инвеститорите ќе биде извештајот на претседателот на централната банка Пауел до Конгресот, кој ќе се одржи во среда и четврток.
Се чека извештајот за вработување во САД
Инвеститорите внимателно ќе ги следат неговите коментари во врска со инфлацијата, економските случувања и можното намалување на каматните стапки.
Во петок, пак, ќе биде објавен американскиот извештај за вработување, кој вообичаено значително влијае на насоката на пазарот бидејќи покажува колку е силен пазарот на трудот и колку растат платите.
И на повеќето европски берзи цените на акциите вчера паднаа. Лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,55 отсто, на 7.640 поени, а франкфуртски DAX за 0,11 отсто, на 17.716 поени. Сепак, парискиот CAC зајакна за 0,28 отсто, на 7956 поени.