Воен хеликоптер се урна во Гана во среда вечерта, при што загинаа осум лица, меѓу кои министерот за одбрана Едвард Омане Боама, министерот за животна средина Ибрахим Муртала Мухамед и уште двајца високи функционери, објави „Еуроњуз“.
Оваа несреќа е една од најлошите воздухопловни катастрофи во Гана во последните 10 години.
Војската соопшти дека хеликоптерот полетал од главниот град Акра и бил на пат кон рударската област Обуаси, на северозапад од земјата.
Кратко по влегувањето во регионот Аштани, леталото исчезнало од радарот, а остатоците подоцна биле пронајдени.
Војската изјави дека причината за несреќата сè уште не е позната и дека е започната официјална истрага.
Потпретседателот на Националниот демократски конгрес, Самуел Сарпонг, и високиот советник за национална безбедност, Муниру Мухамед, исто така загинаа во несреќата, заедно со уште четири членови на екипажот. Владата на Гана ја опиша несреќата со хеликоптерот како „национална трагедија“.
Ожалостените се собраа пред резиденцијата на починатиот министер за одбрана, како и пред седиштето на владејачката партија – Националниот демократски конгрес – во Акра за да му оддадат почит.
Државните медиуми објавија дека министрите биле во хеликоптер Z-9, кој често се користи за транспорт и медицински евакуации и генерално се смета за безбеден.
На интернет се појави видео на кое се гледаат остатоците од хеликоптер за кој се верува дека се срушил во оддалечена шума, додека луѓето се собираат околу местото на несреќата обидувајќи се да помогнат и да пронајдат преживеани.
Гана е една од африканските земји со највисоки стандарди за безбедност во воздухопловството.
Последната авионска несреќа во земјата се случи во 2014 година кога три лица загинаа во хеликоптерска несреќа крај брегот на Гана.
Во 2012 година, товарен авион ја промаши пистата во Акра и се урна во автобус полн со патници, при што загинаа најмалку 10 лица.