Во близина на југозападниот брег на Грција во тек е операција за спасување на околу 90 мигранти кои биле забележани на јахта на отворено море.
Крајбрежната стража објави дека бродовите лоцирани во близина спасиле дел од мигрантите и ги транспортирале во градовите Пилос и Каламата.
На море има и неколку пловни објекти на крајбрежната стража, а нема информации дали некој е исчезнат.
Грчките власти честопати беа обвинувани дека не реагирале навремено на инцидентите во кои загинаа десетици мигранти во Средоземното Море.
Грција се наоѓа на рутата што ја користат шверцерите за транспорт на луѓе кои бегаат од Блискиот Исток, Африка и Азија до Европската унија.
Многумина користат мали гумени чамци за да патуваат од Турција до првите грчки острови, а некои користат поголеми едрилици, јахти или рибарски чамци во обид да го направат подолгото патување до Италија, заобиколувајќи ја Грција.