Тројца Палестинци загинаа во судирите со израелските безбедносни сили кои влегоа во окупираниот град Наблус на Западниот Брег, а четвртиот беше убиен во одделен судир, соопштија палестинските власти.
Според очевидци, судирите избувнале во текот на ноќта кога палестинските полицајци и милитанти забележале припадници на израелските безбедносни сили како влегуваат во градот Наблус.
Четвртиот Палестинец беше убиен во одделен судир кога демонстрантите почнаа да фрлаат камења врз израелските сили, соопштија медицинските работници.
Израелската армија соопшти дека безбедносните сили извршиле рација во зграда што се користи како штаб и место за производство на експлозиви на локалната група наречена Лавовска дупка.
– Беше разнесена фабрика за производство на експлозиви, се вели во соопштението.
Во престрелката во Наблус се ранети и неколку вооружени лица, соопштија палестинските власти. Наблус е жариште на жестоки судири откако Израел во март ја започна акцијата против милитантите на Западниот Брег како одговор на серијата напади на Палестинците во Израел.
Набил Абу Рудеинех, портпарол на палестинскиот претседател Махмуд Абас, рече дека канцеларијата на Абас се обратила до САД за помош за ставање крај на израелската кампања.
„Сето ова ќе има опасни и деструктивни последици“, изјави Абу Рудеине на палестинската телевизија.