Бројот на загинати во судирите меѓу ривалските воени сили во Триполи, Либија, се зголеми од 27 на 45, соопштија денеска здравствените институции.
Портпаролот на Центарот за итна медицина и поддршка Малек Мерсет изјави дека се ранети 146 лица, додека претходно денеска беше објавено дека 106 се повредени.
Не е познато колку цивили има меѓу жртвите.
По избивањето на вооружениот конфликт меѓу две ривалски вооружени групи во понеделникот, цивилите не можеа да побегнат и останаа заробени во своите домови.
Со месеци владееше релативен мир во поделената и распарчена Либија, а причината за конфликтот меѓу 444-та воена бригада и специјалните сили за одвраќање е тоа што овие сили наводно го привеле командантот на бригадата Махмуд Хамза.
Парламентот на една од двете влади во источниот град Бенгази во вторникот објави дека другата, ривалската влада со седиште во Триполи, е одговорна за насилството.
ОН и претставници на амбасадите на САД и Велика Британија во Либија изразија загриженост за конфликтот во Триполи.
Либија е во хаос по бунтот поддржан од НАТО во 2011 година, кога нејзиниот долгогодишен лидер Моамер Гадафи беше соборен и убиен.
Поделена е од 2014 година меѓу силите и нивните власти на исток – во Бенгази и на запад – во Триполи, од кои секоја има поддршка од вооружени групи и странски влади.