Кремљ денеска соопшти дека е рано да се каже што ќе биде со руските воени бази во Сирија, додавајќи дека тоа ќе биде предмет на разговори со новите власти во Дамаск.
По брзиот воен напредок на бунтовничката алијанса предводена од Хајат ал-Тахрир ал-Шам (ХТС), поранешен огранок на Ал Каеда, претседателот Башар ал-Асад побегна во Русија, ставајќи ја иднината на двете стратешки важни руски воени бази во Сирија во прашање.
Запрашан за нивната судбина, портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков рече: „Се уште е рано да се зборува за тоа“.
Русија: Ќе разговараме со новите сириски власти за нашите воени бази
„Сето ова е предмет на дискусија со оние кои ќе бидат на власт во Сирија“, рече Песков, додавајќи дека во земјата владее „екстремна нестабилност“.
„Се разбира, сега правиме се што е потребно и се што е можно за да стапиме во контакт со оние кои се способни да се справат со безбедноста. И, се разбира, нашата армија ги презема и сите неопходни мерки на претпазливост“, рече Песков.
Русија ја има воздухопловната база Хмејмим во сириската провинција Латакија и поморската база Тартус на брегот.
Базата Тартус е единствениот руски објект за поправка и одржување во Средоземното Море, а Москва ја користеше Сирија како транзитна точка за транспорт на членови на своите приватни воени компании до и од Африка.
Песков потврди дека Асад добил азил во Русија, велејќи дека одлуката ја донел претседателот Владимир Путин.
Денеска новинската агенција Интерфакс, повикувајќи се на висок руски пратеник, објави дека Русија жестоко ќе возврати доколку бидат нападнати нејзините бази во Сирија.
Безбедноста на руските воени бази во Сирија е целосно загарантирана и нема никакви тешкотии во овој поглед, пренесе Интерфакс, повикувајќи се на висок пратеник.