Во понеделник промоција на 5. дел од серијалот „Соколана нашата гордост“

Сподели со своите пријатели

Спортскиот живот на Соколана повторно ќе заживее благодарение на серијалот документарни филмови под насловот „Соколана нашата гордост“ кои спортскиот новинар Марјан Стошевски ги реализираше во последните неколку месеци.

Во понеделник со почеток во 20 часот во Занаетчискиот дом ќе биде промовиран петтиот дел од серијата документарни филмови кој ќе се однесува на кошаркарскиот живот на Куманово и турнирите од 1947 до 1977 година.

Како што потенцираше новинарот Стошевски, кошаркарските турнири се долга традиција, исклучително силни и квалитетни кошаркарски турнири се одржувани во Соколана цели 23 години.

– Само како податок во Соколана продефилирале безброј кошаркарски асови од Куманово, Република Македонија и поранешна Југославија. Во Соколана првите кошаркарски чекори ги има направено Зоран Славниќ, Крешимир Чосиќ, Ранко Жеравица тренерско име, професорот Аца Николиќ и многу други. Со еден збор кажано во Соколана на еден начин се удрени темелите на кошарката во нашиот град, Македонија и пошироко, рече Стошевски.

На презентацијата на филмот, поединечно ќе бидат опишани сите турнири, а воедно настанот ќе биде збогатен со просуството на гости од кошаркарските имиња од Куманово, Македонија и регионот.

– Ќе бидат опишани секоја година поединечно како се одвивале тие турнири, ќе има гости на самата манифестација, кошаркарски имиња од Куманово, од Република Македонија Лазар Лечиќ, Благоја Георгиевски, Владимир Вујиновски и многу други кошаркари од овие простори и од Србија ќе дојде светскиот великан на кошарката Немања Ѓуриќ, Дамјановиќ и уште некои изненадувања. Мислам дека тоа ќе биде една убава манифестација, додаде авторот на филмот.

Целта на новинарот Стошевски е да зачуваат овие податоци од заборав, постарите да се пристетат на она што значело спортски живот за Куманово и регионот, а помладите да се запознаат со историјата на кумановскиот спорт. Инспирацијата како што посочи авторот, ја гледа во самиот факт што кошарката во градот датира многу одамна, а токму Соколана е местото каде се почнало.

– Инспирација е што самите кумановци имаат кажувано дека во Соколана се имаат играно многу турнири, квалитетни, кошаркари доаѓале, публиакта била во голем број или да кажеме едноставно Соколана беше единствена сала од затворен тип во поранешна Југославија до крајот на 60-те години и Куманово ја имаше таа чест и привилегија да биде гостин, односно да пречека такви квалитетни екипи и поединци и тоа е на некој начин инспирација и задоволство и еве се обидувам повторно да го промовирам нашиот град Куманово преку Соколана, затоа што во минатото Соколана беше и главен афирматор на Куманово и Република Македонија.

Стошевски изразува надеж дека преку серијалот „Соколана нашата гордост“ спортот ќе заживее повеќе, затоа што Куманово е град на спортски таленти и голема спортска традиција.

Loading...

Leave a Reply