Одделот за Сузбивање на Организиран и Сериозен Криминал при МВР на РМ по претходно добиени Наредби за вршење на претрес на дом и други простории од Судија на претходна постапка, денес спроведе акција за влез во десет објекти во с.Ваксинце со цел откривање на лица за кои постојат сомненија дека прикриваат мигранти, односно дека учествуваат во кривични дела поврзани со криумчарење на мигранти, а по усна Наредба од Судија на претходна постапка, влезено е дополнително уште во еден објект.
При спроведување на акцијата беа пронајдени вкупно 128 мигранти од Сирија, Ирак и други земји од блискиот исток и едно 68 годишно лице од с.Ваксинце кое се бараше по потерница за издржување на казна затвор за извршено кривично дело убиство.
Илегалните мигранти беа откриени во пет објекти од десетте кои беа предмет на интерес. Според досегашните сознанија, сопствениците на објектите ги изнајмувале истите по цени во просек од 1500 евра месечно, во зависност од тоа за каков објект се работи или доколку сами ги примале илегалните мигранти им наплатувале од 5 до 10 евра само да се засолнат во објектот без да им биде даден кревет за парите кои ги плаќале. Од досега извршените разговори со илегалните мигранти, посочено е дека сите дошле во Ваксинце по сопствена воља, патувајќи од соседна Грција кон побогатите земји членки на Европската Унија, односно ниту еден од нив не посочил дека бил жрвтва на присилба, закана или уцена во однос на престојот.
При претрес на објектите пронајдени се еден пиштол марка „GROU MINI – 8 mm“ со рамка со 5 куршуми и 7 куршуми кои дополнително се пронајдени во ранец од мигрантите во чајџилница, каде што се откриени 41 мигрант. Во останатите објекти пронајдени и одземени се 11 куршуми 9 мм, компјутер, два лаптоп компјутери, три мобилни телефони, два џебни ножеви, една кошула со амблем на УЧК, еден тактички елек, една маскирна кошула без амблем и парични средства во износ од 2400 евра. Дел од активностите во врска со претресите се уште се во тек и се превземаат мерки за целосно комплетирање и документирање на случајот.
Од страна на Министерството за внатрешни работи до надлежното Јавно Обвинителство за гонење организиран криминал ќе биде поднесена кривична пријава за сторени кривични дела „Криумчарење на мигранти“, по член 418-б од КЗ против четири лица од село Ваксинце на возраст од 32 до 61 година кои фигурираат како сопственици на објектите во кои се пронајдени мигрантите.
Што се однесува пак до лицето приведено врз основа на претходно распишана потерница, истиот се товари за убиство кое го извршил на 06.01.2001 година, во Куманово кога заедно со уште двајца негови познаници со пиштоли, кои ги поседувале без одобрение, од живот лишиле едно лице. Имено причината за убиството е што пријавените, револтирани бидејќи сега убиениот не се согласувал на брак помеѓу неговата ќерка и синот на приведеното лице, се упатиле кон неговата куќа и по кратка расправија започнале да пукаат кон него при што му нанеле четири прострелни рани. Истиот бил пренесен во Ургентен центар Скопје каде на 8 ми Јануари 2001 година им подлегнал на повредите.