Во петок започнува 4то издание на „Малински фото фестивал“ во Куманово

Сподели со своите пријатели

Од идеја за еден поинаков настан кој ќе ја слави фотографијата како уметност, а притоа спојувајќи ги сите љубители на фотографијата на едно место и со една цел – враќање на оваа уметност во центарот на модерното живеење, Фестивалот на фотографија „Малински“ ја заокружува четвртата година од своето појавување.

Оваа година посетителите ќе имаат можност да видат дури 500 изложбени фотографии на автори од целиот свет кои премиерно ќе ги представат на фото фестивалот.

Годинава програмата на фестивалот е поделена во три дена, од 9-11 јуни, и во два града – Куманово и Кратово. Поставките на фотографиите, предавањата како и фото проекциите ќе бидат претставени во просториите на НУЦК “Трајко Прокопиев”, Галерија на град Куманово, Народен театар на Куманово, Дом на култура Лазар Софијанов во Кратово, Музеј на град Кратово како и просториите на ФК Куманово – изјави Дарио Королија, ПР на фестивалот.

Програмата на овогодинешниот фестивал ќе биде проследена со две предавања од страна на Драгослав Мирковиќ и Зоран Ѓорѓевиќ, меѓуклупска изложба “Круг”, клупска изложба на ФК Куманово “Тумба” како и на ФКК Битола и MOF од Турција, самостојна изложба на Бојан Петровиќ – Бокац, Драгослав Мирковиќ и Душко Јовановски. Исто така на фестивалот со свои фото проекции ќе се претстават и Владимир Јовановски, Марина Крстиќ, Боб Дивајн, Горан Којадиновиќ, Бурак Сенбак, Томас Окониевски, проекција на фотографии на клупска изложба на IRAN P.A.F и др.

Како изминатите години, така и оваа година Фото клуб Куманово на сите посетители им ветува одлична забава, нови искуства и несебично споделено богатство од фотографии и идеи кои го облагородуваат овој фестивал кој е единствен од ваков карактер во Македонија – додава Королија.

Повеќе информации за фестивалот можете да добиете на: www.malinski.photoclubkumanovo.com