Во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце денеска свечено беше одбележана 81-годишнината од Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ) – клучен момент од македонската историја кога беа поставени темелите на современата македонска држава.
Празничната манифестација по повод 2 Август – Денот на Републиката, собра бројни делегации од државни институции, јавни претпријатија, политички партии, здруженија на граѓани и други организации. Со положување свежо цвеќе пред споменикот на АСНОМ, тие им оддадоа почит на учесниците и визионерите кои ја удрија основата на македонската државност.
Во името на Општина Куманово, на чествувањето присуствуваше делегација предводена од градоначалникот Максим Димитриевски. Во неговата придружба беа претседателката на Советот на Општината, Ивана Ѓорѓиевска, и Александар Крстевски, раководител во општинската администрација.
Годинешниот покровител на државното чествување беше претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши.
Обележувањето на овој важен национален празник претставува потсетник за историското значење на АСНОМ и заложбата за слобода, рамноправност и самостојност на македонскиот народ и сите граѓани во државата.
Никола Ивановски